Трошоците за живот зголемени за 3,4 отсто во споредба со минатата година

Падот на трошоците за живот од 0,5 отсто во јуни е резултат на пониските цени на зеленчукот, млекото, лебот и авионскиот превоз.

Трошоците за живот во јуни годинава се зголемени за 3,4 отсто во споредба со истиот месец лани, додека цените на мало бележат раст од 3,9 проценти, објави Државниот завод за статистика. На месечно ниво, во јуни е забележан пад на трошоците за живот од 0,5 отсто и на цените на мало од 0,2 проценти во однос на мај. Овој пад доаѓа по сезонското намалување на цените кај дел од храната и услугите.

Храната и авионските билети поевтини во јуни

Статистичките податоци покажуваат дека намалувањето на месечните трошоци во јуни е најизразено кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови, каде што падот изнесува 6,5 отсто. Пониски цени се измерени и кај воздухопловниот патнички транспорт за 5,3 проценти, како и кај млекото за 1,1 отсто.

Намалување од под еден процент има кај лебот, житата, месото, сирењето и урдата. Исто така, во јуни се регистрирани пониски трошоци за гас за домаќинствата, течните горива, како и кај некои услуги за сместување и чистење.

Овошјето и цигарите со повисоки цени

Спротивно на овие движења, Државниот завод за статистика во јуни регистрираше зголемување на трошоците кај свежиот и разладениот овошје за 3,6 отсто. Поскапување од 2,1 процент е заведено кај тутунот, додека кај пивото цените пораснале за 1,1 отсто.

Минимален раст на цените во јуни има кај шеќерот, џемот, медот, чоколадото, како и кај жестоките пијалаци, минералната вода, газираните пијалаци и соковите.

Поскапеа обувките и патниот транспорт

Во категоријата на нехрамбени производи и услуги, во јуни е забележан раст на трошоците за патниот патнички транспорт за 3,4 отсто. Обувките поскапеле за 1,5 проценти, а кај фармацевтските производи зголемувањето изнесува 1,3 отсто.

Статистичарите измериле повисоки трошоци и кај игрите, играчките, хобијата, како и кај рестораните и кафулињата.

Овие бројки покажуваат дека и покрај месечното олеснување во јуни, кое главно се должи на сезонското поевтинување на зеленчукот, долгорочниот притисок врз буџетот на граѓаните останува, бидејќи годишната стапка на трошоците за живот и понатаму се одржува над три проценти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс