Во Македонскиот народен театар започнаа пробите за новата претстава на „Три сестри“, инспирирана од истоимената драма на Антон Павлович Чехов, во режија на Нела Витошевиќ. Претставата носи современо читање на класикот и отвора прашања за емиграцијата, осаменоста, распаѓањето на општествените вредности и животот во постојано одложена иднина.
Текстот е на Васил Христов и Нела Витошевиќ, драматургијата е на Викторија Рангелова-Петровска, сценографијата на Никола Тороманов, костимографијата на Роза Трајчевска, а музиката на Огнен Анастасовски.
Во претставата играат Дарја Ризова како Ирина, Наталија Теодосиева како Маша, Верица Недевска како Олга, Дамјан Цветановски како Андреј, Благој Веселинов како Александар, Емил Рубен како Иван, Ивица Димитријевиќ како Игор, Нина Деан како Наташа и Антонио Ташковски како Никола.
Новата претстава „Три сестри“ ја преиспитува денешната стварност преку ликови заробени меѓу спомените, изгубените идеали и копнежот по поинаков живот. Сцената станува простор за соочување со кризите на современото општество: ерозијата на хуманизмот, пропаѓањето на надежта и постепеното маргинализирање на знаењето, мислата и интелигенцијата.
Преку судбините на ликовите, претставата зборува за генерации кои живеат меѓу желбата за бегство и неможноста да се замине, меѓу љубовта и разочарувањето, личниот пораз и поширокото општествено распаѓање. Таа е приказна за распадот на едно семејство и едно време, но и за упорниот човечки обид, и покрај сè, да се сочуваат достоинството и вербата дека е можен поинаков свет.
На првата проба се обратил директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, кој истакнал дека со особена радост и возбуда започнува нов творечки процес со режисерката Нела Витошевиќ. Тој нагласил дека проектот е резултат на многубројни разговори, анализи и внимателно промислување, како и дека актерскиот ансамбл и целиот тим на МНТ се темелот врз кој започнува овој нов уметнички процес.