Три намирници полни со пробиотици: Одлична замена за јогуртот, а можат да му помогнат на здравјето на цревата

Кефирот, свежото сирење со живи култури и ферментираниот зеленчук се добри начини да внесете корисни микроорганизми и да ја збогатите исхраната. Но, не секој производ ги содржи во иста мера.

Намирниците богати со пробиотици не се сведуваат само на јогуртот. Ако не сте негов љубител или едноставно сакате да внесете поголема разновидност во исхраната, постојат и други производи што можат да придонесат за здравјето на цревата. Нутриционистите издвојуваат три добри алтернативи кои, покрај корисните микроорганизми, содржат и важни хранливи материи.

1. Кефир – поредок од јогуртот, а богат со протеини и пробиотици

Кефирот е ферментиран млечен напиток богат со пробиотски микроорганизми и протеини. Иако е сличен на јогуртот, има значително поретка конзистенција и препознатлив киселкаст вкус. Се добива со додавање кефирни зрнца во млеко, при што започнува процесот на ферментација.

Може да го пиете самостојно, но одлично се вклопува и во смути со банана и овесни снегулки, кои се извор на пребиотски влакна – хранливи материи што ги користат корисните цревни бактерии. Кефирот може да се користи и во форма на сирење, како замена за павлака или крем-сирење во намази и преливи.

2. Свежо сирење со живи култури

Не секое свежо сирење содржи пробиотици. Некои производители додаваат живи бактериски култури во своите производи, па затоа пред купување проверете ја декларацијата. На пакувањето може да ги побарате називите како Lactobacillus acidophilus или Bifidobacterium lactis.

Освен што може да придонесе за разновидноста на цревниот микробиом, свежото сирење е добар извор на протеини и лесно се комбинира со различни јадења. Може да го јадете самостојно, да го додадете во матени јајца или да го користите како замена за павлака со печен компир.

3. Ферментиран зеленчук – храна за здрави црева

Киселата зелка, киселите краставички, кимчито и ферментираниот кромид се вкусен начин да внесете корисни микроорганизми преку исхраната. Може да ги консумирате како салата или прилог, но и да ги додадете во сендвичи и јадења со месо и риба.

Особено се издвојува киселата зелка поради високата содржина на растителни влакна. Сепак, важно е да обрнете внимание на декларацијата и начинот на подготовка. Термичката обработка може да го намали бројот на живи микроорганизми во ферментираниот зеленчук, па затоа не секој производ што е означен како кисел или ферментиран нужно содржи живи пробиотски култури.


Вклучувањето на овие намирници во секојдневното мени може да ја направи исхраната поразновидна и да придонесе за внесување различни корисни микроорганизми. Така, јогуртот не мора да биде единствениот избор кога станува збор за поддршка на здравјето на цревата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс