ЕУ подготвува црна листа со 10 манипулативни трикови на интернет

Европската комисија планира целосно да забрани десет манипулативни начини на дизајнирање веб-страници и апликации, со кои компаниите ги наведуваат корисниците да кликнуваат, да трошат повеќе или да останат претплатени на услуги што повеќе не ги сакаат.

Предлогот за Законот за дигитална правичност (Digital Fairness Act) треба да ги именува и забрани таканаречените „темни обрасци“ (dark patterns) – дигитални замки што влијаат врз одлуките на потрошувачите. Според нацрт-документот до кој дошол „Еуроњуз“, на листата се лажните тврдења дека производот наскоро ќе се распродаде, однапред означените дополнителни производи и постојаните искачки прозорци што ги притискаат корисниците да ја сменат својата одлука.

Предлогот предвидува и забрана за платени „лот-кути“ и механики „плати за да победиш“ во видеоигрите наменети за деца. Европската комисија би можела да ги казнува компаниите што ги прекршуваат правилата со казни до шест отсто од нивниот глобален годишен промет.

Според процената на Комисијата, новите правила би ги заштитиле потрошувачите од финансиски загуби во вредност од 88,4 милијарди евра во периодот од 2025 до 2035 година. Ако се пресмета и времето што луѓето го губат поради нефер практики, годишната корист би изнесувала 13,7 милијарди евра. За компаниите, проценетите повторливи трошоци би биле 678 милиони евра годишно.

Кои десет манипулативни трикови ќе бидат забранети?

Нацрт-законот предвидува листа на десет практики што би се сметале за нефер во сите околности. Тоа значи дека надлежните органи повеќе нема да мораат да докажуваат штета во секој поединечен случај.

На листата се:

  • Откажувањето претплата да биде несразмерно потешко од нејзиното активирање.
  • Цените и условите за автоматско обновување на претплатата да бидат скриени или тешко достапни.
  • Лажно да се сугерира дека корисникот нема друга можност или избор.
  • Да се изнесуваат неточни или недоволно поткрепени тврдења за достапноста или популарноста на производот.
  • Предупредувањата дека производот наскоро ќе се распродаде да се повторуваат во текот на купувањето.
  • Дополнителни производи или количини да бидат однапред означени во нарачката.
  • Одбивањето понуда да се прикажува како погрешна или непожелна одлука.
  • Корисникот постојано да биде притискан да ја промени веќе донесената одлука.
  • Да се користат збунувачки формулации со двојни негации.
  • Да се испраќаат лажни известувања што создаваат впечаток дека некој му се обратил на корисникот.

Европската комисија би можела да додава нови манипулативни практики на листата и без повторно да бара одобрение од законодавците.

Крај за скриените трошоци и лажните попусти

Нацрт-законот предвидува и забрана за таканареченото постепено откривање на цената (drip pricing), кога задолжителните дополнителни трошоци се појавуваат дури на последниот чекор од купувањето.

Ќе бидат забранети и попустите во кои цената „пред“ намалувањето се споредува со препорачаната цена од производителот, наместо со реалната цена по која производот претходно се продавал кај конкурентите. На удар ќе бидат и заблудувачките тврдења на трговците што продаваат производи без сопствени залихи, односно преку моделот на дропшипинг.

Бесплатните пробни периоди повеќе нема да смеат автоматски да преминуваат во платени претплати без активна согласност од корисникот. Компаниите ќе мора да испраќаат потсетници пред автоматското обновување на претплатите, а потрошувачите ќе имаат право да разговараат со вистинско лице во службите за корисничка поддршка.

Предлогот предвидува и задолжително копче за откажување на онлајн-претплатите – корисниците ќе можат да го раскинат договорот директно преку интернет, без непотребно комплицирани постапки.

Посебна заштита за децата во видеоигрите

Платените „лот-кути“ (loot boxes) и механиките „плати за да победиш“ би биле забранети за малолетниците во видеоигрите. Виртуелните валути во игрите ќе мора да ја прикажуваат својата вистинска вредност во пари. Кај детските профили, нивната употреба би била исклучена стандардно, освен ако родител не даде согласност.

Забрането би било и рекламирањето насочено кон малолетници врз основа на профилирање на нивните податоци и однесување. Ова правило би важело за сите трговци, а не само за големите дигитални платформи што веќе се опфатени со Законот за дигитални услуги.

Корисниците ќе можат да ги исклучат автоматското пуштање и известувањата

Предлогот предвидува нови права за сите корисници. Тие ќе можат да го исклучат автоматското пуштање содржини, известувањата што не се поврзани со нивната активност, наградите засновани врз непрекинати низи на користење (streaks), како и функциите на чет-ботовите што симулираат лични односи за да ги задржат луѓето што подолго на платформата.

Една од новините е и воведувањето правила за купувачки агенти со вештачка интелигенција. Корисниците ќе можат да одредат кои купувања мора лично да ги одобрат, додека агентите ќе мора јасно да ги означуваат спонзорираните препораки.

Германија се противи на новиот закон

Предлогот веќе наидува на отпор во Берлин. Во документ од 14 октомври, за кој известува „Ажанс Ероп“, германската влада оценила дека постојните директиви за заштита на потрошувачите треба да се изменат, наместо да се создава нов закон што би ги опфатил сите области.

Германија смета и дека сè уште не е доволно докажана потребата постојната Директива за нефер трговски практики од 2005 година да се замени со регулатива.

Наместо директива, новиот предлог предвидува регулатива што директно ќе се применува во сите 27 земји членки на ЕУ. Правилата би почнале да важат 12 месеци по стапувањето во сила, но пред тоа предлогот треба да го одобрат Европскиот парламент и земјите членки.


Европскиот комесар за правда и заштита на потрошувачите, Мајкл Мекграт, кој го води досието, претходно се обиде да ја увери деловната заедница дека новиот закон нема да биде насочен против компаниите. На минатогодишен самит за трговија во Брисел, тој го опиша предлогот како „иницијатива и во интерес на потрошувачите и во интерес на бизнисот“, која треба да го намали административниот товар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс