ЕУ ги тужи ИБМ, Атос и Леонардо за доцнењето на системот за паметни граници

Системот за електронска евиденција на влез и излез од ЕУ требаше да биде готов во 2022 година, но почна да работи дури во октомври 2025. Договорот од првичните 142 милиони порасна на 212 милиони евра, а патниците се соочија со повеќечасовни чекања на аеродромите.

Европската Унија покрена судска постапка против технолошките компании ИБМ, Атос и Леонардо поради повеќегодишното доцнење на системот за „паметни граници“, вреден 212 милиони евра. Проектот, кој требаше да ја модернизира контролата на патниците што влегуваат во ЕУ од земји надвор од Унијата, беше пуштен во употреба со години задоцнување, предизвикувајќи и долги редици на аеродромите.

Тужбата била поднесена на 22 декември 2025 година, кога агенцијата на ЕУ за оперативно управување со големи ИТ-системи во областа на слободата, безбедноста и правдата – еу-ЛИСА (eu-LISA) – покренала постапка пред суд во Естонија. Агенцијата е задолжена и за системот што ги проверува отпечатоците од прсти и фотографиите на лицата на патниците кои пристигнуваат од земји надвор од ЕУ.

Информацијата за тужбата првично била забележана во финансиските извештаи на еу-ЛИСА за 2025 година, објавени во јули, но во нив не биле наведени компаниите против кои е поведена постапката. „Фајненшл тајмс“ подоцна ги идентификувал ИБМ, Атос и Леонардо, откако дошол до преписката со агенцијата.

Од еу-ЛИСА потврдиле дека постапката е покрената во рамките на нивната одговорност за заштита на финансиските интереси на Унијата.

„Постапката се однесува на фазата на развој на системот и нема влијание врз неговото сегашно функционирање. Системот за влез и излез (ЕЕС) е целосно оперативен“, соопштиле од агенцијата, без да откриваат повеќе детали за судскиот процес.

Системот доцнел три години, а договорот поскапел за 70 милиони евра

Системот ЕЕС требаше да биде подготвен уште во 2022 година, но почна да се применува дури во октомври 2025 година. Целосна оперативност достигна во април 2026 година. Неговото воведување беше проследено со повеќечасовни чекања на аеродромите. Патниците се соочуваа и со проблеми при користењето на скенерите за отпечатоци од прсти, кои понекогаш не успевале да ги прочитаат отпечатоците на влажни прсти.

Проблемите не биле ограничени само на функционирањето на системот. Конзорциумот од компании и агенцијата еу-ЛИСА со години се спореле околу пробиените рокови, финансиските казни и одговорноста за доцнењето.

Компаниите ИБМ Белгија и Атос Белгија уште во октомври 2021 година ги оспорувале казните што им ги изрекла агенцијата. Како причини за доцнењето ги навеле пандемијата на ковид-19 и други околности врз кои, според нив, немале влијание. Во февруари 2022 година конзорциумот се спротивставил и на новиот распоред за реализација, оценувајќи дека роковите што ги поставила агенцијата се нереални. Компаниите ја критикувале и работата на еу-ЛИСА.

Финансиските последици биле значителни. Вредноста на договорот уште во 2021 година пораснала од 142 на 212 милиони евра. Доцнењата дополнително ги зголемувале трошоците. Во финансиските извештаи за 2022 година, еу-ЛИСА ги признала проблемите во соработката со конзорциумот и предупредила на дополнителни расходи. Тешкотиите го забавиле и спроведувањето на други ИТ-проекти на Унијата.

До 2023 година агенцијата речиси двојно го зголемила годишниот буџет за системот ЕЕС, на 40 милиони евра, пренасочувајќи средства од други извори. Дел од дополнителните средства биле потребни за покривање на растечките трошоци за одржување на хардверот и софтверот.

Во март 2022 година, ИБМ се согласила да ѝ дозволи на агенцијата да задржи одредени плаќања додека не се реши спорот околу надоместокот на штетата. Првичниот договор истекол во 2025 година, а спроведувањето на проектот го презел нов конзорциум. Сепак, ИБМ, Атос и Леонардо останале одговорни за проектот до август 2026 година.

Сомнежи за набавка на софтвер преку московската канцеларија на Атос

Проектот привлече внимание и поради наводите дека Атос минатата година ја користела својата канцеларија во Москва за набавка на софтвер наменет за системот. Тоа отворило прашања за можно руско влијание врз чувствителната европска гранична инфраструктура. Според интерен извештај, Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) утврдила дека постојат оправдани причини за понатамошна истрага. Сепак, случајот бил вратен на агенцијата еу-ЛИСА, иако ОЛАФ оценила дека нејзината првична процена не била доволна.


Окружниот суд Харју во Естонија потврдил дека е покрената граѓанска парница, но рочиштата сè уште не се одржани ниту се закажани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс