Паметните очила со вештачка интелигенција го менуваат начинот на кој комуницираме

Од преведување разговори во реално време до прикажување говор како текст за луѓето со оштетен слух – очилата со вештачка интелигенција постепено се претвораат од технолошки гаџет во секојдневна алатка.

Повеќе од половина од паметните очила со вештачка интелигенција во светот се произведуваат во Кина. Од технолошка новина, тие сè повеќе се претвораат во практична алатка за патници, но и за луѓе со оштетен слух. Производителите веќе размислуваат и за следниот чекор – овие уреди еден ден да ги заменат паметните телефони.

„Повеќе од половина од паметните очила со вештачка интелигенција во светот се произведуваат тука, во Кина“, вели Јанг Џао од кинеската медиумска куќа „Си-Џи-Ти-Ен“, од пазарот Хуаќјангбеј во Шенжен, каде што илјадници посетители секојдневно ги испробуваат новите уреди.

За Австралијката Хуанита Невил-Те Рито, која имала тешкотии да комуницира без преведувач, очилата овозможуваат превод во реално време.

„Можеме да зборуваме на својот јазик, со свои зборови. Ова е неверојатно!“, вели таа.

За Лиу Шаншан, која го изгубила слухот на тригодишна возраст, очилата на брендот „РејНео“ (RayNeo) имаат поинаква, но подеднакво важна функција. Тие го прикажуваат изговорениот говор како текстуални титлови речиси во реално време.

„На состанок, во ресторан или кога повикувам такси – би ги носела постојано“, вели Лиу.

Технологијата отвора нови можности за полесна комуникација меѓу луѓето што зборуваат различни јазици, како и за лицата со оштетен слух. Сепак, остануваат прашањата за приватноста, особено затоа што паметните очила можат да снимаат и обработуваат информации од непосредната околина.


Додека производителите ги прошируваат нивните функции, амбицијата е очилата со вештачка интелигенција еден ден да станат повеќе од дополнителен уред – и да го заменат паметниот телефон во секојдневната комуникација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс