Три изложби, една кураторска тура: Утре МСУ повторно отвора врати за љубителите на уметноста

Бојана Јанева ќе ги води посетителите низ ретроспективата на Благоја Маневски, изложбата „Пикасо: сликата на музејот“ и „Солидарноста како иднина“. Матинето почнува во 12 часот, а влезницата чини 150 денари.

Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје утре, 24 октомври, во 12 часот повторно организира матине и кураторска тура низ трите актуелни изложби, предводена од кустосот Бојана Јанева. Посетителите ќе имаат можност да ги запознаат различните уметнички приказни и делата што ја поврзуваат музејската колекција со историјата на модерната и современата уметност.

Турата започнува со ретроспективната изложба на Благоја Маневски, која го следи неговиот творечки пат од 1985 до 2025 година. Четири децении творештво обележани со постојано истражување, промени и храбро поместување на границите меѓу сликарството, објектот, инсталацијата, фотографијата, цртежот, амбиентот и хепенингот. Кураторки на изложбата се Лилјана Неделковска и Натали Рајчиновска-Павлеска, а координатор на проектот е Благоја Варошанец.

Втората изложба, „Пикасо: сликата на музејот“, претставува избор на дела од колекцијата на МСУ, со посебен акцент на сликата „Глава на жена“ од 1963 година на Пабло Пикасо.

„Со текот на времето некои дела стануваат повеќе од само предмети во музејската колекција – тие стануваат нејзини препознатливи знаци“, велат од МСУ, посочувајќи дека делото на Пикасо има токму таков статус во историјата на музејот.

Создадена во период кога Пикасо веќе бил една од централните фигури на европската и светската модерна уметност, сликата во Скопје добива и посебна локална историја. Таа не е само дел од колекцијата, туку и визуелен симбол преку кој се препознаваат музејот, неговото наследство и неговата специфична историја.

Третата изложба, „Солидарноста како иднина“, обединува значајни дела од постојаната колекција на МСУ, создадени од француски, македонски и други европски автори. Меѓу застапените уметници се Пјер Сулаж, Виктор Вазарели и Никола Мартиноски.

Куратори на изложбите „Пикасо: сликата на музејот“ и „Солидарноста како иднина“ се Благоја Варошанец, Владимир Јанчевски и Ива Димовски.

Кураторската тура е можност трите изложби да се доживеат низ контекстот на нивното создавање, значењето на делата и нивното место во музејската колекција.


Влезницата чини 150 денари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс