Американскиот претседател Доналд Трамп воведе забрана за увоз на канадска стока вредна речиси милијарда долари, нарекувајќи го северниот сосед „една од најлошите земји во светот“. Новите трговски мерки, потпишани преку извршни уредби во Овалната соба, стапија во сила денеска и директно ги таргетираат млечните производи, моторните возила и алкохолните пијалаци од Канада, како одговор на наводната трговска дискриминација кон американските земјоделци.
Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Доналд Трамп упати остри критики кон Отава, тврдејќи дека американските земјоделци со години трпат неправеден третман.
„Проблемот е што тие беа многу нефер кон Соединетите Држави. Тие беа една од најлошите земји во светот. Ние се согласуваме со Кина, наоѓаме заеднички јазик со луѓето и склучуваме добри зделки, но со Канада беше навистина тешко да се соработува. На нашите земјоделци им наметнаа царини од 400 проценти и повеќе. Нè искористуваат“, изјави Трамп.
Според новите уредби, забраната веднаш ги погодува клучните извозни сегменти на канадската економија, вклучително автомобилскиот сектор и земјоделско-прехранбената индустрија.
Оваа одлука претставува директна ескалација по колапсот на трговските преговори во август, кога двете држави веќе започнаа меѓусебно воведување царински оптоварувања.
Односите меѓу Вашингтон и Отава влегоа во исклучително напната фаза за време на вториот претседателски мандат на Трамп. Покрај економските спорови, тензиите пораснаа и поради политичките пораки на американскиот претседател во насока на припојување на Канада кон САД.
Канадскиот премиер Марк Карни месецов коментираше дека неговата земја со децении премногу се потпирала на лесни економски релации со американскиот пазар, најавувајќи преиспитување на таа позиција во услови на зголемен протекционизам.