Амстердам има полицаец со четири шепи: Црниот мачор Нимис стана туристичка атракција

Носи жолт полициски елек, патролира покрај каналите и позира со вистинските полицајци. Седумгодишниот Нимис е една од најнеобичните интернет-ѕвезди во Холандија.

Амстердам е познат по своите канали, велосипеди и куќи на вода, но во последните години има уште една необична атракција – црн мачор кој секојдневно „патролира“ низ соседството облечен како полицаец.

Неговото име е Нимис, има седум години и живее со сопственичката Лидија Фабер во куќа на вода, покрај еден од амстердамските канали. Благодарение на жолтиот елек за спасување со полициски амблем, стана вистинска локална знаменитост, а снимките од неговите прошетки собраа милиони прегледи на социјалните мрежи.

Од спасувачки елек до полициска униформа

Сè започнало кога Нимис бил мало маче. Неговата сопственичка одлучила да му купи елек за спасување, бидејќи животот покрај амстердамските канали може да биде опасен за животните.

Ѕидовите на каналите се високи, па мачките што ќе паднат во вода понекогаш не можат самостојно да се искачат на брегот.

Поради впечатливата жолта боја на елекот, соседите почнале на шега да го нарекуваат „локалниот полицаец“.

Лидија решила да ја прифати шегата и на елекот му додала амблем со натпис „Police“, купен во продавница за играчки.

Така Нимис ја добил својата препознатлива „униформа“.

Туристите доаѓаат специјално за да го видат

Неговата популарност започнала сосема случајно.

Лидија снимала видеа од секојдневието на Нимис и неговиот помлад мачешки брат Боeф, за да им ги покажува на младите роднини кои живеат далеку.

Но една од снимките достигнала дури 4,5 милиони прегледи, а Нимис станал познат и надвор од Холандија.

Денес туристи од различни земји доаѓаат до куќата на вода каде што живее за да го фотографираат и погалат.

Меѓу посетителите има и вистински полициски службеници, кои со задоволство позираат покрај својот неофицијален колега.

Наскоро ќе добие и своја детска книга

Нимис има и помлад брат, десетмесечниот Боеф, кој често се појавува во неговите видеа.

Двајцата станаа препознатливи меѓу жителите и посетителите на Амстердам, а нивните секојдневни авантури наскоро би можеле да бидат преточени и во детска книга.

Сопственичката веќе работи на приказна за необичниот мачор и неговите доживувања покрај каналите.


Иако Нимис нема вистинска полициска значка, неговата популарност покажува дека понекогаш се доволни еден жолт елек, малку хумор и многу мачешки шарм за да се стане омилена знаменитост на градот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс