Драги Стојанов, татко на момче кое го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска упати емотивен повик до родителите на повредените деца да се приклучат на маршевите за правда, изразувајќи разочарување што досега не биле дел од нив, објави „Радио Кочани“.
Во обраќањето пред Основниот суд, Стојанов им се заблагодари на родителите кои излегле да дадат поддршка, но нагласи дека борбата за правда треба да биде заедничка.
„Ние веќе не можеме да ги видиме нашите деца. Вие треба да чекорите за вашите деца, да се борите за правда и за тие да живеат во мир и благосостојба, а не да се будат ноќе и да не можат да спијат“, порача тој.
Стојанов побара одговорност од надлежните институции, предупредувајќи дека евентуалното неказнување на одговорните за трагедијата во која загинаа 63 лица би испратило опасна порака до општеството.
Тој јавно го повика и градоначалникот на Кочани да застане покрај родителите, а критики упати и до општинските советници, полициските началници и инспекторите.
Потенцираше дека маршевите се мирни и дека семејствата не протестираат против Владата или поединечни политичари, туку бараат правда за своите деца.
„Ние чекоревме, чекориме и ќе чекориме сè додека сме живи, сè додека правдата не излезе на виделина“, порача Стојанов.
Неговото обраќање е уште едно сведоштво за болката на семејствата кои бараат одговори и судска разрешница за трагедијата во Кочани.
