Трамп во последен момент ги одложил нападите врз Хутите во Јемен

Американскиот претседател му наредил на Пентагон да се подготви за воздушни напади по барање на саудискиот престолонаследник, но Белата куќа во саботата одлучила засега да не отвора нов фронт.
Photo: Shealah Craighead / White House

Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на викендот разгледувал можност за воздушни напади врз Хутите во Јемен, а Пентагон дури добил наредба да се подготви за воена акција. Сепак, во саботата навечер Белата куќа одлучила нападите да бидат одложени, објави Си-Би-Ес њуз, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.

Одлуката доаѓа во момент кога конфликтот во Јемен повторно се интензивира, а Хутите во последните недели освоија значајни позиции долж брегот на Црвеното Море.

Трамп прво бил против напад

Според Си-Би-Ес, за време на состанок со советниците за национална безбедност во средата, Трамп покажал дека не е наклонет кон започнување американски воздушни напади врз Хутите.

Ситуацијата се променила во четвртокот, кога саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман повторно побарал американска воена помош против Хутите.

Тоа било второ вакво барање во период од десетина дена.

По разговорот, Трамп му наредил на Пентагон да се подготви за воздушни напади. Но, доцна во саботата била донесена одлука американската воена акција засега да се одложи. Според изворите на Си-Би-Ес, Белата куќа во овој момент не сака дополнително да го проширува конфликтот.

Хутите го зазедоа брегот на Црвеното Море

Одлуката за американска интервенција се разгледува во услови на значителна промена на ситуацијата на теренот.

Хутите во неодамнешната офанзива презедоа контрола врз значајни области долж јеменскиот брег на Црвеното Море, вклучително и стратешки позиции во близина на теснецот Баб ел-Мандеб.

Според Ројтерс, напредувањето на Хутите ги потиснало силите на јеменската влада поддржани од Саудиска Арабија, додека Ријад во последните недели извршил повеќе воздушни напади врз позициите на Хутите.

Баб ел-Мандеб е една од клучните поморски точки меѓу Црвеното Море и Аденскиот Залив, па контролата врз неговото пошироко подрачје има значење и за меѓународниот поморски транспорт.

Трамп разговарал со јеменскиот претседател

Во неделата Трамп телефонски разговарал со Рашад ал-Алими, претседател на Претседателскиот совет за раководење на Јемен, извршното тело на меѓународно признатата јеменска влада.

Ал-Алими побарал американска поддршка за владините сили во борбата против Хутите.

Сепак, според извори на Ројтерс, Трамп не дал конкретно ветување дека САД ќе обезбедат директна воена поддршка. Разговорот бил опишан како знак на поддршка за јеменската влада, но без конкретна обврска за американска воена интервенција.

Хутите тврдат дека нема да ги напаѓаат американските бродови

Во исто време, Вашингтон одржува контакти со Хутите.

Трамп претходно изјави дека САД комуницираат со групата и дека од Хутите добиле уверување дека нема да ги напаѓаат американските бродови.

Ројтерс претходно објави дека американски претставници во Оман разговарале со претставници на Хутите, при што групата дала уверување дека нема да напаѓа американски или израелски пловила, туку дека нејзините воени активности ќе бидат насочени кон Саудиска Арабија.

Вашингтон засега не отвора нов фронт

Одложувањето на нападите не значи дека американската опција е целосно отфрлена.

Одлуката засега остава отворена можност Вашингтон повторно да ја разгледа воената опција доколку нападите на Хутите продолжат или дополнително се влоши безбедносната ситуација околу Црвеното Море и Саудиска Арабија.

Во меѓувреме, Г7 вчера побара од Иран да престане со вооружувањето и поддршката на Хутите и повика групата да ги прекине воените операции и нападите врз цивилниот поморски сообраќај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс