Трамп го укина ослободувањето од санкции за купување руска нафта

Вашингтон стави крај на олеснетите правила за руските енергетски испораки, игнорирајќи ги барањата на Њу Делхи за стабилизација на пазарот.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука да не го продолжи привременото ослободување од санкции кои овозможуваа ограничени купувања на руска нафта. Со овој потег официјално заврши периодот на олеснети правила за дел од руските енергетски испораки, откако претходната мерка (General License 134B) истече на 16 мај. Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) не објави нова лиценца, што значи дека сите трансакции за продажба, испорака или истовар на руска нафта натоварена на танкери по утврдениот рок сега се подложни на строги рестрикции.

Одбиен притисокот од Индија за ново продолжување

Одлуката на Белата куќа доаѓа и покрај директните барања од големите глобални купувачи, пред сè од Индија, која побара нов вајвер (waiver) поради сериозната нестабилност на пазарот. Њу Делхи се повикуваше на притисокот врз синџирите на снабдување предизвикан од актуелната криза во Персискиот Залив. Сепак, Вашингтон овојпат одлучи да заземе поцврст став, ставајќи ги во предност геополитичките цели пред барањата на своите економски партнери во Азија.

Крај на пазарниот баланс во корист на строги санкции

Претходните продолжувања на овие дозволи американската администрација ги оправдуваше со потребата да се стабилизира светскиот пазар во услови на високи цени и нарушени транспортни рути. Од друга страна, критичарите во САД постојано предупредуваа дека ваквите отстапки и овозможуваат на Москва да остварува дополнителни милијардски приходи од енергетски извоз, со кои директно ја финансира војната во Украина. Со укинувањето на лиценцата, Трамп им го затвори овој извор на легални трансакции.

Очекуван нов бран на поскапувања на горивата

Истекувањето на мерката веројатно ќе ги принуди светските рафинерии експресно да бараат алтернативни извори на сурова нафта. Експертите предупредуваат дека ова ќе изврши дополнителен притисок врз цените на енергенсите на глобално ниво, особено ако конфликтот околу Иран и блокирањето на Ормуската теснина продолжат да го кочат слободниот транспорт. Засега нема индиции дека Вашингтон подготвува какви било компромисни решенија за ублажување на овој нов енергетски шок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс