Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека иранската влада е „сериозно скршена“, додека го продолжи примирјето со цел да му даде време на Техеран да подготви „единствен“ предлог за преговори. Белата куќа смета дека неодењето на Иран на новата рунда преговори со потпретседателот Џеј Ди Венс укажува на внатрешна поделба во иранското раководство.
Сепак, дел од аналитичарите и експертите за состојбите во Иран имаат поинакво мислење. Според нив, Техеран не само што не е ослабен, туку и демонстрира значително политичко единство под притисокот на војната и преговорите.
„Погрешна интерпретација на Иран“
Професорот Мехрат Камрава од Универзитетот Џорџтаун во Катар за CNN изјави дека оценките за „распаднато раководство“ се неточни.
„Иранското раководство е релативно координирано, особено во услови на војна и преговори“, истакна тој.
Од почетокот на конфликтот, системот на власт во Иран значително се промени. По елиминирањето на повеќе високи воени и политички фигури, процесот на одлучување е концентриран во помал круг луѓе. Во центарот на таа структура се наоѓаат неколку клучни функционери од различни политички табори, кои сега делуваат заеднички под притисок на воената состојба.
Јавно единство, внатрешни разлики
И покрај различните ставови во рамки на елитата, експертите сметаат дека Иран свесно прикажува слика на единство.
„Разликите постојат, но заклучокот дека Иран е политички парализиран е неточен“, вели аналитичарот Трита Парси од Институтот Квинси.
Иранските власти истовремено повторуваат дека нема да се вратат на преговори без укинување на американските мерки кои ги сметаат за блокада на нивните интереси.
Ситуацијата дополнително се комплицира со внатрешен притисок од тврдокорни групи и надворешен притисок од САД. Тие бараат различни пристапи кон конфликтот, но засега доминира ставот за отпор кон Вашингтон. Иранските власти тврдат дека „едностраното прикажување на поделби“ е дел од политичка и пропагандна кампања.