Дали сме последната генерација со приватност? Камери, лица, локации и алгоритми што знаат повеќе од нас

Компанијата Clearview AI изградила база со десетици милијарди фотографии собрани од интернет, а локациските податоци од милиони телефони се продаваат на брокери. Родителите, пак, објавуваат по околу 1.500 фотографии од своите деца пред нивниот петти роденден. Постојаниот надзор не ја загрозува само приватноста, туку влијае и врз начинот на кој се однесуваме, размислуваме и комуницираме.

Пред десет години, „бомбите“ ја шокираа Македонија. Јавноста дозна дека државните служби со години прислушувале илјадници граѓани. Според податоците презентирани во случајот на Специјалното јавно обвинителство, меѓу 2008 и 2015 година Управата за безбедност и контраразузнавање прислушувала најмалку 4.286 телефонски броеви без судски налог. Вкупно биле следени повеќе од 20.000 броеви, ако се вклучат и луѓето што комуницирале со директно следените лица.

Тогаш изгледаше како скандал што не може да се повтори. Од денешна перспектива, тоа беше речиси аматерски надзор. Операцијата бараше специјална опрема, оператори и тајни служби. Денес, за собирање огромни количества лични податоци доволен е паметен телефон во џеб, апликација за временска прогноза и фотографија објавена на социјалните мрежи.

Од 1 февруари 2026 година, Скопје, Тетово и Куманово се опфатени со системот „Безбеден град“. Но камерите почнаа да работат во пробен период уште на 1 декември 2025 година. Само во првите 24 часа од тестирањето биле регистрирани околу 110.000 сообраќајни прекршоци. Фер е да се каже дека системот има јасна и оправдана цел – зголемување на безбедноста во сообраќајот. Македонија со години бележи висока стапка на загинати на патиштата, а автоматската контрола може да придонесе за почитување на сообраќајните правила.

Но прашањето за приватноста останува. Законските измени беа усвоени со 81 глас „за“ и 19 „против“, а пред Уставниот суд беа поднесени иницијативи со кои се оспоруваат делови од законската рамка. Меѓу спорните прашања се начинот на доставување на известувањата, обработката на личните податоци и еднаквиот третман на граѓаните. Дополнителен проблем се појавија и лажните СМС-пораки со линкови за наводно плаќање казни, поради што МВР мораше да предупреди на фишинг-измами. Така, системот што треба да ја зголеми безбедноста отвори и ново прашање: колку добро се заштитени податоците што ги собира?

Соседството нуди уште еден пример. Во Белград, според истражувања за видеонадзорот во Србија, се поставени повеќе од 8.000 надзорни камери, од кои дел имаат можност за препознавање лица. Системот предизвикува загриженост кај организациите за човекови права поради недоволната транспарентност и можноста за масовно следење на граѓаните. Кога не знаеме кој ги контролира снимките, колку долго се чуваат и за кои цели се користат, надзорот престанува да биде само прашање на безбедност.

Препознавањето лица одамна не е научна фантастика. Американската компанија Clearview AI изградила база со десетици милијарди фотографии собрани од социјалните мрежи и други јавно достапни интернет-страници, без согласност на луѓето што се на нив. Компанијата ја нуди технологијата на полициски и владини институции, кои можат да пребаруваат фотографии за да идентификуваат лица. Според холандската Агенција за заштита на личните податоци, во 2024 година базата содржела повеќе од 30 милијарди фотографии. Компанијата подоцна објави дека нејзината база надминала 100 милијарди фотографии.

Холандската агенција ја казни Clearview AI со 30,5 милиони евра поради незаконско собирање и обработка на биометриски податоци. Нејзиниот претседател Алејд Волфсен предупреди дека секој што има фотографија на интернет може да се најде во ваква база, без воопшто да знае дека неговото лице се користи за идентификација. Тоа не е сценарио од научнофантастичен филм, туку технологија што веќе се користи.

Европа се обиде да постави граници. Од 2 февруари 2025 година се применуваат забраните од Актот за вештачка интелигенција на ЕУ, меѓу кои и забраната за неселективно собирање фотографии од интернет и видеонадзор за создавање или проширување бази за препознавање лица. Забранета е и употребата на системи за биометриска идентификација во реално време на јавно достапни места за полициски цели, со строго определени исклучоци. Но, токму тие исклучоци отвораат простор за дебата за границите меѓу безбедноста и основните човекови права.

Помалку видливо, но подеднакво загрижувачко, е следењето на локацијата. Германскиот медиум „Нетцполитик“ (Netzpolitik) во 2025 година објави истражување засновано врз база со 380 милиони локациски податоци од 137 земји. Податоците биле поврзани со 47 милиони рекламни идентификатори и околу 40.000 апликации. Истражувањето покажа како податоците што ги споделуваат апликациите можат да завршат кај посредници што ги обединуваат и ги продаваат на заинтересирани компании.

Американската Федерална трговска комисија, пак, ја обвини компанијата Gravy Analytics дека незаконски собирала и продавала чувствителни локациски податоци. Меѓу нив имало информации што можеле да откријат посети на здравствени установи, богослужбени објекти и засолништа за жртви на семејно насилство. Проблемот не е само во тоа што некој може да дознае каде сме биле, туку и што може да заклучи за нашиот живот, здравје, навики и приватни односи.

Луѓето се свесни дека некој ги собира нивните податоци, но често чувствуваат дека немаат вистински избор. Истражување на Pew Research Center од 2019 година покажа дека 79 отсто од возрасните Американци се загрижени за начинот на кој компаниите ги користат нивните лични податоци. Околу шест од десет сметаат дека е невозможно да помине еден ден без компаниите да собираат информации за нив. Иако станува збор за истражување во САД, резултатите ја покажуваат пошироката дилема на дигиталното време: користиме услуги без кои тешко го замислуваме секојдневието, но не знаеме колку податоци оставаме зад себе.

Најголемата цена на оваа дигитална изложеност може да ја платат децата. Истражување на Универзитетот Нортамбрија покажало дека повеќе од 80 отсто од децата имаат онлајн присуство уште пред да наполнат две години. Родителите, во просек, објавуваат речиси 1.500 фотографии од своите деца пред нивниот петти роденден. Оваа практика е позната како „шерентинг“ (sharenting) – спој на зборовите „споделување“ и „родителство“, односно објавување фотографии, видеа и лични информации за децата на интернет.

Според извештајот на Комесарката за деца на Англија, децата до 18-годишна возраст можат да остават дигитална трага од околу 70.000 сопствени објави. Дополнително, проценката на „Барклис“ (Barclays) предупредува дека до 2030 година објавувањето детски фотографии и лични информации од страна на родителите би можело да биде поврзано со две третини од кражбите на идентитет кај младите. Американската психолошка асоцијација во 2026 година повторно предупреди дека родителите често се свесни за ризиците од објавувањето содржини за децата, но продолжуваат да ги споделуваат. Последиците можат да бидат долгорочни: од злоупотреба на фотографии и кражба на идентитет до губење на контролата врз сопствената дигитална историја.

Психолошките истражувања отвораат уште едно важно прашање: што му прави постојаното набљудување на човечкиот ум? Истражувања во психологијата покажуваат дека свеста дека сме набљудувани може да го промени нашето однесување, вниманието и начинот на кој ги проценуваме сопствените постапки. Во една неодамнешна студија, истражувачите анализирале како присуството на камера влијае врз несвесното процесирање на човечките лица. Резултатите укажуваат дека чувството дека сме набљудувани може да влијае и врз процесите што не ги контролираме свесно.

Францускиот психолог Клеман Белетие предупредува дека постојаното набљудување може да ги оптовари когнитивните процеси поврзани со вниманието и работната меморија. Кога дел од менталните ресурси постојано се насочени кон тоа како изгледаме во очите на другите, може да ни биде потешко да се концентрираме на она што го правиме.

Постои и феномен што правниците и истражувачите го нарекуваат „ладен ефект“ (chilling effect). Тоа е ситуација во која луѓето почнуваат да се воздржуваат од одредени постапки, ставови или пребарувања не затоа што им се забранети, туку затоа што знаат дека можеби се набљудувани. Истражувањето на правникот Џон Пени, објавено во 2016 година, покажа дека по откритијата на Едвард Сноуден за масовното следење на интернет-комуникациите во 2013 година, корисниците поретко ги посетувале чувствителните теми на Википедија. Не им било забрането да читаат. Но сознанието дека некој можеби ги следи нивните пребарувања било доволно за да влијае врз нивното однесување.

Ако знаеме дека секој наш чекор, пребарување, фотографија или разговор може да биде забележан, колку слободно ќе се однесуваме? Колку отворено ќе ги изразуваме ставовите? И дали ќе почнеме да се цензурираме и тогаш кога никој директно не ни забранува ништо?

Дали ова значи дека сме последната генерација што знаела што е приватност? Можеби. Денешните деца растат во свет во кој нивните фотографии, податоци и дигитални траги се создаваат уште пред да можат самите да одлучат дали сакаат да бидат дел од интернетот.


Но приказната не е завршена. Казните за компаниите што незаконски собираат лични податоци, европските регулативи, истражувањата и иницијативите за заштита на приватноста покажуваат дека сè уште постојат механизми за отпор. Само што приватноста веќе не е нешто што се подразбира. Таа станува право што мора активно да се штити. А можеби најважното прашање не е дали некој нè гледа, туку дали сè уште имаме право да живееме дел од животот така што никој нема да гледа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс