Македонската кинематографија во последните години бележи значајни успеси на меѓународната филмска сцена. Домашните автори освојуваат фестивалски награди, нивните филмови добиваат меѓународни признанија и номинации, а дел од остварувањата стигнуваат и до светската публика преку големи дистрибутерски куќи. Сепак, и покрај овие успеси, македонскиот филм останува недоволно застапен и препознаен кај пошироката публика во Србија.
Токму со цел да ја приближи современата македонска кинематографија до српската публика, од 12 до 14 ноември 2026 година, во Установата за култура „Пароброд“ во Белград ќе се одржи втората Ревија на македонскиот филм во Србија. Програмата опфаќа играни, документарни и краткометражни филмови, средби со филмски автори, мастер-клас и придружна музичка програма.
Во центарот на овогодишната ревија е документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, едно од најзначајните меѓународни остварувања на современата македонска кинематографија. Котевска претходно го привлече вниманието на светската јавност со документарниот филм „Медена земја“, кој беше номиниран за две награди „Оскар“.
По светската премиера на 82. Филмски фестивал во Венеција, каде што ја освои наградата „Синема енд артс аворд“ (Cinema and Arts Award), „Приказната за Силјан“ продолжи да бележи меѓународни успеси. Филмот освои две награди на Меѓународната документарна асоцијација (ИДА) – за најдобар долгометражен документарен филм и за кинематографија, доби номинации за наградите „Еми“, „Критикс чојс документари авордс“ (Critics Choice Documentary Awards) и „Продјусерс гилд оф Америка“ (Producers Guild of America), а е и официјален македонски кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар меѓународен долгометражен филм. Светската дистрибуција ја презеде „Нешенал џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films). Котевска освои и две признанија на „Вајлдскрин панда авордс“ (Wildscreen Panda Awards), познати како „Зелени Оскари“, за режија и продукција.
Инспирирана од македонската народна приказна за момчето Силјан, кое по расправија со татко му се претвора во штрк, Котевска создава документарна приказна за земјоделецот Никола Цонев, неговото семејство, економската неизвесност и необичното пријателство што се развива меѓу човекот и повреден бел штрк. Преку интимната приказна за човекот и природата, филмот отвора универзални прашања за опстанокот, припадноста, семејните односи и односот кон светот што се менува.
Публиката ќе има можност да го погледне филмот во сабота, на 14 ноември, а потоа и да се сретне со Тамара Котевска и да разговара за нејзиното творештво и меѓународниот пат на нејзините филмови.
Играна програма: од црна комедија до балканска историја
На програмата е и „Исцелител“, играниот филм на режисерот Ѓорче Ставрески, црна комедија со елементи на општествена сатира. Преку необичната приказна за автомеханичар кој се обидува да го излекува својот болен татко, филмот зборува за современото македонско општество, здравствениот систем и човечката потреба за надеж. Светската премиера ја имаше на фестивалот „Талин блек најтс“ (Tallinn Black Nights), беше прикажан на повеќе од 90 фестивали и освои бројни меѓународни признанија. Беше и македонски кандидат за „Оскар“. По проекцијата, публиката ќе има можност да разговара со режисерот.
Ставрески во петок, на 13 ноември, ќе одржи и мастер-клас насловен „Филмската тензија во процесот на создавање филм“, посветен на еден од клучните елементи на филмското раскажување и авторскиот процес.
Вториот игран филм во програмата е „Балканот не е мртов“, историска драма на режисерот Александар Поповски, со Никола Ристановски во главната улога. Според сценариото на Дејан Дуковски, со музика на Кирил Џајковски, филмот ги следи судбините на едно македонско семејство од Битола на преминот од 19 во 20 век, испреплетувајќи ги нивните животи со приказната за патувањето со „Ориент експрес“. Остварувањето ги спојува семејната драма, историските превирања и прашањата за балканскиот идентитет.
Четири кратки филмови со различни авторски ракописи
Посебно место во програмата има блокот од четири краткометражни филмови: „Награда“ на Лидија Мојсовска, „Да се чува планината“ на Изер Алиу, „Пепи и Муто“ на Ѓорѓи Унковски и „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески.
Четири различни авторски ракописи, четири светови и четири приказни што во кратка форма го постигнуваат она што често е најтешко во филмот – прецизно и без непотребни објаснувања да ја доловат суштината. Овие остварувања отвораат прашања за идентитетот, меѓучовечките односи, семејните очекувања, растењето и општествените норми, потврдувајќи дека и кратката форма може да понуди силно филмско искуство.
Меѓу авторите е и Ѓорѓи Унковски, кој подоцна постигна забележителен меѓународен успех со филмовите „Налепница“ (Sticker) и „Диџеј Ахмет“ (DJ Ahmet). Вториот на фестивалот „Санденс“ во 2025 година ја освои наградата на публиката и специјалното признание на жирито.
Филмска историја и музика за крај
Програмата ќе биде збогатена и со проекции на архивски филмски журнали, кои нудат дополнителен поглед кон филмската и културната историја на Македонија. Дел од овие материјали досега не биле прикажани пред пошироката јавност.
Ревијата ќе заврши во сабота, на 14 ноември, со музичка програма на џез-трио, кое ќе изведе избор на филмска музика и композиции инспирирани од музичкото наследство на македонското поднебје.
Организаторот Јорданчо Петковски упатува благодарност до Вардан Тозија, Тамара Котевска и Нина Радијчиќ за нивното учество во создавањето на ревијата, како и до сите поддржувачи и партнери: „Тиквеш“, „Филмске новости“, Установата за култура „Пароброд“, Град Белград, Петар Кајевски, „11и11 саат“ и „Прото“.
Влезот за сите програмски содржини е бесплатен.
