Охрид е центар на младинските политики: Осум општини ќе добијат признание „Младински пријателски град“

Националниот форум за младинска работа ги поврзува младинските организации, институциите и општините. Во фокусот се младинското учество, локалните политики и соработката со младите.

Во Охрид се одржува Националниот форум за младинска работа, тридневен настан што ги собира младинските организации, институциите, општините и младите активисти од целата држава. Форумот започна вчера, а ќе трае до 12 ноември во Младинскиот центар во Охрид.

Настанот претставува национална платформа за размена на искуства, идеи и добри практики во областа на младинската работа и креирањето младински политики. Во текот на трите дена се предвидени панел-дискусии, работилници, презентации и интерактивни сесии, насочени кон унапредување на младинската работа и зајакнување на соработката меѓу различните сектори.

Еден од централните моменти на форумот ќе биде доделувањето на националната награда „Младински пријателски град“. Признанието ќе го добијат осум општини – по една од секој плански регион. Наградите се доделуваат за напредокот во спроведувањето на обврските и стандардите утврдени со Законот за младинско учество и младински политики.


На форумот учествуваат претставници на релевантни институции, единици на локалната самоуправа, младински организации, меѓународни партнери и млади активисти од целата земја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс