Американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши дводневната посета на Кина, каде со Си Џинпинг разговарал и за Тајван, но двете страни не објавија конкретни договори.
Американскиот претседател Доналд Трамп замина од Пекинг кон Вашингтон по дводневната посета на Кина и средбите со кинескиот претседател Си Џинпинг. Двајцата лидери настапија со помирлив тон, но по разговорите не беа објавени конкретни договори.
На враќање од Кина, Трамп пред новинарите во претседателскиот авион изјави дека со Си „многу разговарале за Тајван“, но оцени дека не верува оти постои непосреден ризик од конфликт околу ова прашање.
„Ќе бидеме во ред“, рече Трамп, одговарајќи на прашање дали смета дека постои опасност од судир со Кина.
Тој откри и дека Си директно го прашал дали Соединетите Американски Држави би го бранеле Тајван доколку Кина го нападне островот. Трамп, сепак, рече дека одбил да даде одговор.
„Има само една личност што го знае тоа, а тоа сум јас. Јас сум единствениот. Тоа прашање денеска ми го постави претседателот Си. Му реков: не зборувам за тоа“, изјави Трамп.
Кина го смета Тајван за дел од својата територија и долги години се противи на американската продажба на оружје на островот, оценувајќи ја како мешање во нејзините внатрешни прашања.
САД немаат формални дипломатски односи со Тајван, но остануваат негов најважен безбедносен партнер и главен снабдувач со одбранбена поддршка.
Иако посетата беше претставена како важен дипломатски момент во односите меѓу Вашингтон и Пекинг, отсуството на конкретни договори покажува дека клучните разлики меѓу двете сили остануваат отворени — особено околу Тајван, безбедноста и влијанието во регионот.