Магнетот на Ши и нервозата на Трамп
На последната средба меѓу Трамп и Ши Џинпинг, насмевките беа вештачки, но влогот беше реален. Трамп, во свој стил, сака сè да биде „Made in USA“, но има еден мал проблем. Кина го контролира речиси целиот светски пазар за преработка на овие елементи.
Ако Ши реши да го „затвори славината“, американската воена индустрија и технолошките гиганти ќе останат со празни раце. Тоа е „магнетна дипломатија“ во својата најсурова форма: Кина ги има ресурсите, а Трамп се обидува да издејствува дил со кој Америка нема да биде ставена на „silent mode“. Тука нема место за емоции, само за суров интерес за материјалите што ја движат модерната цивилизација.
Зошто ова е важно? Без овие метали нема Ф-35 авиони, нема батерии за Тесла, нема чипови за вештачка интелигенција. Кој ги има металите, тој го пишува софтверот на иднината.
Европа: Музеј на отворено со празни батерии
И додека двајцата алфа-играчи се пазарат како на пазар за тоа кој колку „прашина“ ќе добие, каде е тука Европа? Европа, како и обично, пишува регулативи. Додека Брисел дебатира за еколошките стандарди на рудниците што ги нема, Кина веќе ги има сите адути во рака.
Позицијата на Стариот континент е трагикомична. Ние сакаме „зелена транзиција“, сакаме електрични возила и чиста енергија, но ги молиме Кинезите за материјалите што ни требаат за да ги направиме. Ако Трамп и Ши се договорат меѓу себе, Европа ќе остане заглавена во минатото. Наместо 8K резолуција и 5G брзина, иднината на европската индустрија со овој интензитет личи на враќање кон црно-белите телевизори и надежта дека некој друг ќе ни ја пушти струјата.
Зошто ова треба да ве боли?
Ова не е само висока политика. Ова е борба за тоа колку ќе чини вашиот следен автомобил, дали вашиот компјутер ќе биде достапен и дали Европа воопшто ќе биде релевантна на мапата на технологијата. Нашата зависност не е само економска, туку и егзистенцијална.
Ши го држи клучот, Трамп се обидува да ја пробие бравата, а ние во Европа сè уште ја бараме вратата. Батеријата ни е веќе на 1%.