Неизбежен е ценовен бум на авионските билети во Европа

Авиокомпаниите не можат долгорочно да ги апсорбираат високите трошоци за гориво, па летните патувања низ Европа може да станат поскапи.

Авионските билети во Европа најверојатно ќе поскапат во пресрет на летната сезона, бидејќи авиокомпаниите не можат долгорочно да ги покриваат зголемените трошоци за млазно гориво. На тоа предупреди генералниот директор на Меѓународното здружение за воздушен сообраќај, ИАТА, Вили Волш, кој оцени дека повисоките цени на билетите се „неизбежни“.

Иако дел од европските авиокомпании во последниот период ги намалуваа цените за да ја поттикнат побарувачката, Волш предупредува дека таквата состојба не може да трае долго. Според него, високите цени на нафтата и нарушувањата во снабдувањето со гориво на крајот ќе се префрлат врз патниците.

Кризата е поврзана со затворањето на Ормутскиот теснец и конфликтот на Блискиот Исток, кои силно го погодија снабдувањето со млазно гориво. Европа е особено изложена бидејќи дел од нејзините потреби за авионско гориво доаѓаат од регионот на Заливот, а замената на тие количини оди побавно од потребното. Според Меѓународната агенција за енергија, европскиот увоз на млазно гориво од Блискиот Исток во април паднал од 330.000 на 60.000 барели дневно.

ИАТА предупредуваше дека до крајот на мај може да се појават откажувања на летови во Европа поради недостиг на гориво, додека АЦИ Европа претходно алармираше дека европските аеродроми би можеле да се соочат со системски недостиг доколку протокот низ Ормутскиот теснец не се нормализира. Европската комисија, пак, засега смирува дека нема непосредна опасност од недостиг, но не ги исклучува ризиците на подолг рок.

Дел од авиокомпаниите веќе ги приспособуваат своите распореди. Според податоци на аналитичката компанија „Цириум“, во мај глобално се откажани околу 13.000 летови, што значи околу два милиона помалку достапни седишта. Иако тоа не значи целосен колапс на летната сезона, покажува дека авиосекторот веќе реагира на поскапото гориво и неизвесното снабдување.

ЕУ во меѓувреме разгледува алтернативни извори на снабдување, вклучително и зголемен увоз на гориво од САД. Сепак, експертите предупредуваат дека дури и брзо отворање на Ормутскиот теснец нема веднаш да ги врати цените на претходното ниво, бидејќи пазарот веќе е погоден од нарушени рути, оштетени рафинерии и зголемени трошоци за транспорт.

За патниците, тоа значи дека евтините билети и попустите може да бидат краткорочни, но летните патувања низ Европа веројатно ќе станат поскапи. Најголемиот удар може да се почувствува во периодот на најголема побарувачка, кога авиокомпаниите ќе имаат помал простор да ги амортизираат трошоците без да ги зголемат цените.

е-Трн да боцка во твојот инбокс