Кинескиот претседател Ши Џинпинг најави нова фаза во односите меѓу Кина и Соединетите Американски Држави, која, според Пекинг, треба да се темели на „конструктивна стратешка стабилност“. Формулацијата беше објавена по средбата на Ши со американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг, како нова насока за билатералните односи во следните три години и понатаму.
Според кинеското Министерство за надворешни работи, двајцата лидери се согласиле дека односите меѓу двете најголеми светски сили треба да станат попредвидливи и полесни за управување, и во делот на соработката и во делот на конкуренцијата. Ши оцени дека „конструктивната стратешка стабилност“ не треба да остане само парола, туку да се претвори во конкретни чекори од двете страни.
Кинескиот лидер објасни дека новиот пристап треба да значи стабилност во која соработката е главен столб, натпреварот е во контролирани рамки, разликите се управливи, а мирот е предвидлив. Тој порача дека Пекинг и Вашингтон мора да најдат начин да ги менаџираат несогласувањата без тие да прераснат во отворена конфронтација.
Американската страна сè уште нема објавено целосен извештај од разговорите, но Трамп по средбата кратко изјави дека разговорите со Ши биле „сјајни“. При посетата на Храмот на небото во Пекинг, американскиот претседател ја пофали и Кина, нарекувајќи ја „прекрасна“.
Новата дипломатска формулација доаѓа во момент кога односите меѓу САД и Кина се оптоварени со трговски спорови, технолошка конкуренција, Тајван, војната во Украина, кризата околу Иран и борбата за глобално влијание. Иако двете страни испратија пораки за стабилност, останува неизвесно дали новиот јазик ќе донесе конкретни договори или само привремено смирување на најголемото геополитичко ривалство во светот.