Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува едно од најголемите масовни укинувања на визи во историјата на САД, при што би можеле да бидат опфатени до 200.000 странци кои побарале или во моментов бараат азил во земјата.
Според документи на американскиот Стејт департмент до кои дошол Associated Press, во наредните недели би можело да започне укинување на визите B1 и B2, издадени во периодот од 2016 до 2026 година, за нивните носители кои поднеле барање за азил.
Мерката се подготвува во координација со Министерството за домашна безбедност. Од Стејт департментот потврдуваат дека се идентификуваат лица кои во САД влегле како краткорочни посетители, а потоа побарале азил со намера да останат подолго.
Точниот број на визи што би биле укинати засега не е официјално потврден. Американските власти наведуваат дека процесот би се спроведувал постепено и дека бројот ќе се менува.
Укинувањето не значи автоматска депортација
Американските власти нагласуваат дека губењето на визата не значи автоматски и моментална депортација. Лицата чии барања за азил сè уште се разгледуваат би можеле да бидат прекатегоризирани и да го загубат статусот на туристички или деловни посетители.
Администрацијата на Трамп во изминатите месеци значително ја заостри визно-имиграциската политика. Од апликантите се бараат дополнителни информации, вклучително и податоци поврзани со нивната активност на социјалните мрежи, додека за граѓани на одредени држави е ограничено или целосно прекинато издавањето визи.
Вашингтон: „Азилот не смее да биде дупка во законот“
Заменик-државниот секретар Кристофер Ландау ги критикуваше лицата кои, според американската администрација, влегуваат во земјата со туристички или деловни визи, а потоа поднесуваат барање за азил.
„Азилот не треба да биде дупка во законот за заобиколување на имиграциските правила“, порача Ландау на социјалната мрежа „Икс“.
Властите во САД веќе започнале со дополнителни проверки на носителите на визите B1 и B2 откако добиле информации за поднесени барања за азил. Визата B1 главно се користи за деловни патувања, додека B2 е наменета за туризам, посета на семејство или медицински третман.
Илјадници визи веќе се укинати
Според податоците наведени во извештајот, во последните 18 месеци Стејт департментот укинал околу 175.000 визи на лица кои биле осудени или обвинети за различни кривични дела, но и на лица кои јавно ја критикувале американската политика. Администрацијата истовремено продолжува со мерките против таканаречениот „породилен туризам“, односно доаѓањето на странски државјанки во САД со цел да се породат таму.
Новата иницијатива покажува дека Вашингтон продолжува со заострување на правилата за влез и престој на странци, а доколку биде спроведена во најавениот обем, би можела да предизвика и нови правни спорови.