Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можен договор со Иран за завршување на војната, која започна со американско-израелските напади врз Техеран на 28 февруари. Според Трамп, Иран сака да постигне договор, но американскиот претседател не соопшти дополнителни детали за евентуалните преговори или условите за прекин на конфликтот.
Во меѓувреме, катарска посредничка делегација отпатувала во Техеран, каде што треба да разговара со министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, за можностите за постигнување договор со Вашингтон. Ова го соопштил официјален претставник.
Според истиот извор, во моментов се разгледува нацрт-договор меѓу САД и Иран, за кој двете страни разговарале во изминатите осум дена.
Венс: Водевме конструктивни разговори со Иран
И американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изрази оптимизам во врска со можноста за постигнување договор што би ставил крај на војната. Венс изјави дека Вашингтон водел неколку конструктивни разговори со иранската страна и дека претходно разговарал за нив со претседателот Трамп.
„И претседателот и јас сме прилично оптимистични во врска со можноста за постигнување договор“, изјави Венс, без да наведе конкретен временски рок во кој би можеле да завршат преговорите.
Засега нема официјално потврден договор ниту детали за неговата содржина. Посредничката улога на Катар и изјавите од Вашингтон укажуваат на дипломатски контакти, но останува неизвесно дали тие ќе доведат до договор за прекин на војната.
Извор: МИА
