Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека имал „одличен разговор“ со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и најави дека ѝ дава на Европската унија рок до 4 јули да ги исполни обврските од трговскиот договор, пред САД да ги зголемат царините.
Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social наведе дека „трпеливо чекал“ ЕУ да го исполни својот дел од „историскиот трговски договор“ постигнат во Шкотска, кој го нарече „најголем трговски договор во историјата“.
Според него, ЕУ се обврзала да ги намали царините на нула, но тоа сè уште не е целосно спроведено.
„Се согласив да дадам рок до 250-годишнината на нашата земја или царините ќе се зголемат на многу повисоко ниво“, напиша Трамп.
Тој исто така предупреди дека САД би можеле да ги зголемат царините на автомобили и камиони од ЕУ на 25%, од сегашните 15%, доколку договорот не се исполни.
Трамп додаде дека во разговорот со фон дер Лајен станало збор и за Иран, при што, како што наведе, се согласиле дека Техеран „никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје“.