Царините на Трамп го вжештија предизборниот судир во Бразил

EPA images

Одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царина од 25 проценти за дел од бразилските производи предизвика нови политички тензии во Бразил, само неколку недели пред почетокот на кампањата за претседателските избори во октомври.

Претседателот Луиз Инасио Лула да Силва и неговиот главен противник, сенаторот Флавио Болсонаро, меѓусебно се обвинуваат за мерката што треба да стапи во сила на 22 јули. Според различни процени, новите царини ќе погодат значителен дел од бразилскиот извоз во САД, иако околу 2.100 производи се изземени. 

Болсонаро го обвини Лула

Флавио Болсонаро, најстариот син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро и главен ривал на Лула на претстојните избори, го обвини актуелниот претседател дека не успеал да ги заштити економските интереси на земјата.

„Лула повеќе не е способен да биде претседател на Бразил. Ние сме во авион без пилот“, порача Болсонаро на социјалните мрежи.

Тој се повика и на оценката на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој го обвини Лула дека не преговарал со Вашингтон „со добра волја“.

Критики кон бразилскиот претседател упати и Федерацијата на индустрии на државата Сао Паоло, според која дипломатските конфронтации, личните напади и недостигот од политичка координација со Вашингтон ги нарушиле односите градени повеќе од два века.

САД го таргетираат и системот PIX

Царините се резултат на едногодишната истрага на Канцеларијата на трговскиот претставник на САД, која заклучила дека дел од бразилските политики ја ограничуваат американската трговија.

Меѓу спорните прашања се дигиталната трговија и електронските плаќања, системот PIX, примената на антикорупциските прописи, заштитата на интелектуалната сопственост, пристапот до пазарот на етанол и нелегалната сеча на шумите. 

PIX е широко користен бразилски систем за брзи електронски плаќања, кој во САД се смета за можен извор на нерамноправна конкуренција за американските платежни компании. Во Бразил, пак, системот се брани како симбол на финансиска самостојност и поголема достапност на банкарските услуги. 

Од тарифите се изземени производи како месо, риба, кафе, нафта, ретки земни метали и уметнички дела, бидејќи Вашингтон проценил дека нивното поскапување може да предизвика нарушувања на американскиот пазар. 

Бразил најавува реципрочни мерки

Владата на Лула соопшти дека веднаш ќе ги активира процедурите предвидени со Законот за реципроцитет, усвоен во април 2025 година.

Законот овозможува ограничување на увозот од одредени земји, суспендирање трговски поволности и воведување други економски мерки. Бразилскиот министер за финансии нагласи дека одговорот ќе се заснова на реципроцитет, а не на непромислена одмазда што би можела да ѝ наштети на домашната економија. 

Кабинетот на Лула го обвини и семејството Болсонаро дека активно придонесувало за создавање негативен наратив за Бразил во Вашингтон.

„Ова е дел од наратив создаден со активно учество на семејството Болсонаро“, соопшти бразилското претседателство, нарекувајќи ги неговите членови „лажни патриоти“ кои дејствувале против земјата поради изборни интереси.

Трговската криза повторно станува изборна тема

Односите меѓу Бразил и САД беа сериозно нарушени уште во 2025 година, кога Трамп најави дополнителни царини поврзани со судскиот процес против Жаир Болсонаро.

Кризата подоцна прерасна и во дипломатски спор, со санкции и ограничувања за бразилски функционери. По средбата меѓу Лула и Трамп беше отворен канал за дијалог и дел од мерките беа повлечени, но истрагата на американскиот трговски претставник продолжи. 

Новите царини сега пристигнуваат во чувствителен политички момент. Флавио Болсонаро побара нивната примена да биде одложена до по изборите, предупредувајќи дека мерката може да му помогне на Лула да се претстави како бранител на бразилскиот суверенитет.

Со тоа, трговскиот спор со Вашингтон станува една од клучните теми во предизборната борба во Бразил.

е-Трн да боцка во твојот инбокс