Најмалку 15 лица загинаа откако туристички брод со индиски патници се преврте во близина на островот Хон Мај Рут Нгоај, во јужниот дел на Виетнам, јавуваат локалните медиуми. На пбродот се наоѓале 32 индиски државјани и четворица членови на екипажот кога бродот се превртел на околу 400 метри од островот, во услови на силен ветер и брановито море.
Неколку туристички бродови кои се наоѓале во близина веднаш пристигнале на местото на несреќата и започнале спасувачка операција. Според првичните информации, 21 лице било спасено, а дел од патниците биле пронајдени заробени во превртениот брод.
Локалните власти сè уште работат на утврдување на точниот број на жртви и преживеани. Како можна причина за несреќата се наведуваат силните ветрови и високите бранови, но истрагата продолжува. Индиската амбасада во Виетнам го оцени инцидентот како „трагичен“ и објави список со 32 индиски државјани кои се наоѓале на бродот.
Островот Хон Мај Рут Нгоај е дел од архипелагот Ан Тои, во Тајландскиот Залив, и е популарна туристичка дестинација во близина на најголемиот виетнамски остров Фу Куок.