Торцидашите кои скандираа наци пароли зад себе имаат пријави за кривични дела и силувања

Полицијата поднесе пријави против 23 хулигани од Сплит кои заедно бројат 212 кривични дела и стотици прекршоци со само пет затворски казни.

Хрватската полиција поднесе пријави против 23 припадници на навивачката група Торцида поради организирана поворка во Сплит во која се извикуваа фашистички и антисемитски пароли пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс. Анализата на нивните полициски досиеја открива фрапантна слика за системска толеранција на насилство: оваа група зад себе веќе има евидентирано вкупно 212 кривични дела, меѓу кои и 48 сексуални деликти, обиди за убиство и организиран криминал, завршувајќи најчесто со условни или минимални казни.

Пријавените 23 навивачи кои маршираа низ сплитските улици извикувајќи отворени повици за линч и истребување не се непознати за правосудните органи. Нивното досие содржи 212 кривични дела и 426 прекршоци. Списокот на прекршувања опфаќа широк распон на тежок криминал: од имотни деликти, трговија со оружје и дрога, до злосторничко здружување, закани и физичко насилство на спортски натпревари. Посебно вознемирува податокот за евидентирани 48 сексуални деликти меѓу припадниците на оваа група.

Во прекршочните постапки доминираат нарушувањето на јавниот ред и мир, сообраќајните прекршоци и насилничкото однесување на трибините. Овие бројки покажуваат дека јавното манифестирање екстремизам и антисемитизам не е изолиран навивачки инцидент, туку директен изблик на долгогодишно толерирано насилство.

И покрај стотиците поднесени пријави, судскиот епилог за овие лица главно завршувал без сериозни законски последици. Судовите досега донеле правосилни пресуди само за седуммина од вкупно 23 пријавени лица, со вкупно 13 изречени пресуди. Од нив, само пет завршиле со ефективни, безусловни затворски казни. Останатите санкции се свеле на една казна малолетнички затвор, една парична казна и шест условни осуди.


Ваквата институционална пасивност и благата казнена политика создаваат чувство на неказнивост. Токму таа толеранција овозможува поединци со дебели криминални досиеја непречено да организираат улични кортеа и да шират говор на омраза без страв од институционална реакција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс