Бројот на осомничени за нацистичките и антисемитските скандирања во Сплит порасна на 23 лица, соопшти сплитско-далматинската полиција. Истрагата се однесува на навивачката поворка низ градот на 15 октомври, пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс на „Пољуд“, пренесува „Индекс“.
Според најновото полициско соопштение, шест лица се наоѓаат во затвор, едно лице синоќа било предадено на службеникот задолжен за полицискиот притвор, а за уште едно се спроведува криминалистичка истрага и се очекува да биде приведено во текот на денот.
Полицијата не го прецизирала процесниот статус на сите 23 осомничени. Истрагата продолжува.
Нови осомничени по прегледувањето на снимките
Првите кривични пријави против 14 лица биле поднесени на 16 октомври до надлежното обвинителство во Сплит. На 18 октомври полицијата соопшти дека се идентификувани уште шест осомничени, а со најновото проширување се опфатени дополнителни три лица.
Меѓу осомничените се и Стипе Лекиќ, поранешен секретар на „Торцида“, и Леонардо Вучко од Омиш, кои, според „Индекс“, синоќа ѝ се предале на полицијата откако таа трагала по нив.
Пред предавањето, на фејсбук-страница поврзана со навивачката група била објавена нивна заедничка фотографија пред затворот во Сплит, на која држат маица со навредлива порака кон новинарите.
Величење на Хитлер и повици за насилство врз Евреи
На снимките од поворката се слушаат нацистички и антисемитски скандирања, величење на Адолф Хитлер и повици за насилство врз Евреи. Учесници пееле и за палење Евреи во концентрациони логори и ја навредувале Ана Франк.
Снимките предизвикаа осуди во Хрватска и во меѓународната јавност. Полицијата продолжува да ги прегледува за да ги идентификува учесниците за кои постои сомнение дека сториле кривично дело.
