Пирамидите во Гиза станаа сцена за новиот фестивал на EXIT, Starlight, кој на 9 и 10 октомври привлече десетици илјади посетители од 114 земји. Организиран во соработка со египетските промотори P+US, фестивалот ги спои светските имиња на електронската музика со една од најпрепознатливите локации на планетата.
Според организаторите, Starlight е првиот повеќедневен фестивал на електронска музика со повеќе бини кај Пирамидите во Гиза и најголемиот фестивал досега организиран во Египет. Од EXIT наведуваат и дека станува збор за најголемиот настан со електронска музика на оваа локација по концертот на Жан-Мишел Жар на преминот во новиот милениум.
Светски диџеи пред Пирамидите
Програмата ја предводеа Charlotte de Witte, Adriatique, Michael Bibi, Indira Paganotto, Enrico Sangiuliano, Vintage Culture и Pete Tong, заедно со уште шеесетина меѓународни и регионални изведувачи.
Настапија и Fiona Kraft, Floyd Lavine, Cloonee и Deer Jade, како и Lanna, Coeus, Reblok, Divolly & Markward и Tebra од Србија. Дел од програмата беа и настапите во живо на WhoMadeWho и Satori, додека Giolì & Assia настапија на завршниот настан во неделата.
За дизајнот и визуелните ефекти на главната бина, EXIT соработуваше со уметничкиот колектив Sila Sveta, познат по продукции за светски музички имиња и големи меѓународни настани. Светлосните ефекти и оптичките илузии беа осмислени во однос на локацијата, со Пирамидите што се издигнуваа зад изведувачите и публиката.

„Ова е Гиза, не Ибица“
Фестивалскиот викенд за дел од изведувачите продолжи и надвор од бините. Според соопштението, Michael Bibi пристигнал со родителите, а по својот настап на главната бина се придружил на забавата на No Sleep Giza.
Charlotte de Witte останала три дена во Египет со татко ѝ и пријателите, додека Indira Paganotto пристигнала со својот 13-член тим Artcore по затворањето на сезоната на Ибица.
Спојот на музиката, продукцијата и локацијата го одбележа првото издание, а меѓу посетителите се прошири и слоганот „It’s Giza, not Ibiza!“, односно „Ова е Гиза, не Ибица“.
За EXIT, Starlight претставува нов чекор на меѓународната фестивалска сцена. Организаторите оценуваат дека посетеноста и публиката од 114 земји уште со првото издание го поставиле фестивалот меѓу значајните светски дестинации за љубителите на електронската музика.
