Што значи да се има „успешен“ живот и во кој момент личниот избор станува општествено очекување? Овие прашања се во средиштето на „Стаорска трка“, заедничката изложба на Ертунч Сали и Ангела Бошевска.
Поттикнати од филозофски размислувања за вредностите, дисциплината и илузијата, авторите ги користат мотивите на тркачите, ловците и мршојадците за да го разгледаат циклусот на натпреварување, пад и опстанок што се повторува од генерација на генерација.
Изложбата ги преиспитува вредностите што ги наследуваме и мерилата според кои го оценуваме сопствениот живот. Преку различни медиуми, трката излегува од рамките на метафората и станува физичко и визуелно искуство.
Двајца автори, повеќе уметнички медиуми
Ертунч Сали дипломирал графика и графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2013 година. Тој е еден од основачите на КЦ „Кула“, а неговото ателје во Старата скопска чаршија станало собирна точка на ателјеата на колективот. Во својата работа експериментира со традиционални ликовни техники, создавајќи цртежи, слики и графики.
Ангела Бошевска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2024 година, во класата на Јован Шумковски. Нејзината практика опфаќа дигитална уметност, сликарство, скулптура, анимација, фотографија, 3Д моделирање и 3Д печатење. Учествувала на повеќе групни изложби, меѓу кои „Скулптури на иднината“ во Центар – Јадро, „Пресек“ во галеријата Остен и 15. Биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност.
Отворањето на „Стаорска трка“ е вечерва во 20 часот во КСП Центар – Јадро. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам.
