Од организацијата предупредуваат дека уништувањето на планината е толку големо што последиците се видливи дури и од Охридското Езеро.
Узурпација на државно земјиште, пустошење шума, изградба на бетонски конструкции и пробивање пристапен пат среде заштитено подрачје. Ова се дел од неправилностите за кои еколошката организација „Охрид СОС“ алармира уште од пролетта 2023 година, на локација во Лагадин, во рамките на Националниот парк „Галичица“.
Три години подоцна, според организацијата, институциите сè уште не доставиле информации за исходот од пријавите, иако во меѓувреме биле извршени инспекциски надзори при кои биле констатирани сериозни неправилности.
Од „Охрид СОС“ информираат дека по пријави од локалното население уште во 2023 година во неколку наврати побарале вонреден инспекциски надзор за да се утврди што се гради, дали зафатите се изведуваат со дозвола и дали се навлегува во државно земјиште.
„Доколку се утврдат какви било неправилности, побаравме да бидат санкционирани сторителите. Ниедна од институциите не одговори, ниту ги добивме на увид записниците од бараните надзори, ако воопшто и ги имало“, наведуваат од организацијата.

На 17.000 квадратни метри констатирани узурпација и бесправни градежни активности
Во 2024 година, по нови пријави од локалното население, претставници на Националниот парк „Галичица“ извршиле вонреден увид на терен.
Според информациите што ги објавува „Охрид СОС“, на површина од околу 17.000 квадратни метри, на катастарската парцела 1/1 во КО Елшани, која е во сопственост на државата, биле констатирани узурпација на земјиште, пустошење шума и бесправни градежни активности.
Меѓу утврдените зафати организацијата ги наведува изградбата на потпорен ѕид, армиранобетонска плоча во изградба, ископ на карпа, пробивање пристапен пат, како и нарушување на стабилноста на столбови за пренос на електрична енергија со висок напон.
Во објавените информации како лице одговорно за активностите е посочен Климе Василески, сопственик на сместувачки капацитет. Засега не е познат неговиот став во врска со овие наводи.
Од организацијата посочуваат дека за изведените активности немало соодветни решенија и одобренија, а Националниот парк „Галичица“ ниту бил известен ниту дал согласност за интервенциите.
На друга парцела, КП 2/1 во КО Елшани, исто така во државна сопственост, според нивните информации, била констатирана надградба на два ката на веќе бесправно изградена индивидуална куќа, без одобрение за градење.

Пријави до обвинителството, полицијата и инспекторатите
Истата година инспекциски надзор извршил и Државниот инспекторат за шумарство и ловство.
Според „Охрид СОС“, инспекторите констатирале изградба на пат преку расчистување шума, како и изградба на повеќе објекти на државни катастарски парцели, со што била извршена трајна пренамена на шумско земјиште.
Особено загрижувачки е што сите овие активности се одвивале во заштитено подрачје, во Националниот парк „Галичица“, кој поседува исклучителни природни вредности.
Од организацијата предупредуваат дека ваквите интервенции не претставуваат само незаконско користење државно земјиште, туку и сериозно нарушување на природните вредности, екосистемите и интегралното управување со националниот парк.
За утврдените неправилности, според објавените информации, Јавната установа Национален парк „Галичица“ поднела пријави до Основното јавно обвинителство, МВР Охрид – Одделението за економски криминалитет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, како и до Државното правобранителство во Охрид.
Сепак, три години по првите предупредувања и две години по инспекциските наоди, останува нејасно дали е поведена постапка против одговорните лица, дали се изречени санкции и дали се донесени решенија за отстранување на бесправните градби.

„Лузната на планината се гледа и од езерото“
Од „Охрид СОС“ посочуваат дека фотографиите направени во 2026 година покажуваат сериозни интервенции во природниот предел.
„Не знаеме само дали она што било затекнато при извршениот увид е истото што и ова прикажано на фотографиите или во меѓувреме се зело уште повеќе. Оваа лузна на планината е толкава што се гледа и од езеро“, реагираат од организацијата.
Тие сметаат дека доколку институциите реагирале уште по првите пријави во 2023 година, можело навреме да се запре уништувањето на заштитеното подрачје.
„Доколку институциите кои се надлежни реагираа на иницијалните претставки од наша страна уште пред три години и ги сопреа започнатите активности, ќе немаше ваков епилог. Наместо тоа, се чини како да избираат да се соучесници во овие незаконски активности“, велат од „Охрид СОС“.
Според нив, непостапувањето на надлежните служби испраќа опасна порака дека узурпацијата на државно земјиште и бесправното градење во заштитени подрачја можат да поминат без последици.
Кој го штити јавниот интерес во Охридскиот Регион?
Од „Охрид СОС“ предупредуваат дека случајот во Лагадин не е изолиран проблем, туку дел од поширока практика на бесправни интервенции во Охридскиот Регион.
„Поединци свесно се поставуваат над законот, узурпирајќи и приграбувајќи добра кои се во рамките на национален парк, притоа и државна сопственост, за да бидат наградени од институциите со непостапување. Ова не е веќе исклучок, ова стана правило во Охридскиот Регион“, порачуваат од организацијата.
Тие оценуваат дека со ваквиот однос се охрабруваат нови узурпатори, се поттикнува бесправното градење и се загрозува природното наследство кое државата има обврска да го заштитува.
Случајот повторно го отвора и прашањето за спроведувањето на препораките на УНЕСКО, Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион и законските обврски за заштита на националните паркови.
