Од рециклиран хардвер до зелен дизајн: Регионални признанија за македонските циркуларни практики

Македонски иноватори, професорки и граѓански иницијативи освоија признанија на регионалниот форум за циркуларна економија во Приштина.

На 13 октомври во Приштина, во рамки на настанот Western Balkans Circular Economy EXPO, беа прогласени победниците на Наградите за циркуларна економија на Западен Балкан 2026.

Наградите се организирани од Хабот за циркуларна економија на Западен Балкан, кој пак е основан од Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ), и претставуваат една од водечките регионални иницијативи на Хабот. Целта на иницијативата е да се оддаде признание на компаниите, организациите, институциите и поединците кои ги преточуваат принципите на циркуларната економија во практични решенија и мерливи резултати во земјите од регионот.

Оваа година се одржа второто издание на наградите, на кое пристигнаа 63 пријави во седум категории. Зголемениот број на пријави, како и учеството на голем број кандидати кои за првпат се пријавуваат, укажуваат на растечкиот интерес за циркуларни решенија и сè поголемиот број чинители кои активно придонесуваат кон циркуларната транзиција во регионот.

Пријавите ги оценуваше меѓународно жири составено од 12 членови, меѓу кои претставници на стопанските комори од Западен Балкан, GIZ, HELVETAS, универзитети, граѓански организации и приватниот сектор.

Седумте апликанти кои годинава беа избрани како најдобри од страна на жирито се:

  • Циркуларен стартап – Sferikon, Србија
  • Корпоративно лидерство во циркуларната економија – AZ Group shpk, Албанија
  • Иновативен циркуларен дизајн – Intelligent Indoor Farm, Северна Македонија
  • Образование и истражување во циркуларната економија – Весна Аливојводиќ, Србија
  • Придонес на граѓанскиот сектор кон циркуларната економија – Донирај Компјутер, Северна Македонија
  • Пионер во циркуларната економија – Едина Хаџич, Босна и Херцеговина
  • Општинско лидерство во циркуларната економија – Општина Прилеп, Северна Македонија

Највисоко рангираните апликации претставуваат различни пристапи кон развојот на циркуларната економија кои имаат постигнато завидни резултати – од иновативни материјали направени од органски отпад од пченка, па се до модуларен дизајн на производи и циркуларни бизнис-модели кои допрва ќе стануваат популарни во нашиот регион.

Покрај седумте победници во одделните категории, пет други кандидати добија специјално признание „Катализатори за циркуларни промени“. Меѓу нив е и македонската модна дизајнерка Ирина Тошева, како и две македонски професорки – проф. д-р Наташа Данилоска од Економскиот Институт при УКИМ, и вонреден проф. д-р Рената Петревска Нечкоска од Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола. Ова признание им беше доделено на апликантите кои особено се истакнаа во завршната евалуација поради нивниот придонес, иновативност и потенцијал за понатамошно унапредување на циркуларната економија.

Свеченото доделување на наградите се одржа во рамки на Western Balkans Circular Economy EXPO 2026, во организација на здружението Rilindja e Gjelbër. Настанот обезбеди регионална платформа за компаниите, институциите, граѓанските организации, академската заедница и иноваторите за размена на искуства, поврзување и воспоставување нови партнерства.

Овогодинешното издание беше поддржано и од Градежен Институт Македонија – ГИМ, кој даде свој придонес во реализацијата на наградите преку поддршката на иницијативата и учеството во меѓународното жири. ГИМ активно придонесува кон циркуларната транзиција и преку сопствената експертиза и услуги во областа на циркуларната економија и одржливото градежништво.


Хабот за циркуларна економија на Западен Балкан поврзува организации, професионалци и поединци од целиот регион кои работат во областа на циркуларната економија или имаат интерес за нејзиниот развој. Со членство во Хабот се станува дел од регионална мрежа која поттикнува соработка, размена на знаења и искуства и реализација на конкретни активности што ја поддржуваат циркуларната транзиција во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс