Промајата и студот не разболуваат, амбулантите ги полнат непроветрени соби и вируси

Биолошките истражувања потврдуваат дека падот на температурата не создава патогени, туку ги тера луѓето во затворен простор каде аеросолите циркулираат со часови.

Сезонскиот скок на респираторни инфекции не започнува со студениот воздух, туку со начинот на кој луѓето се однесуваат штом паднат температурите. Ниту промајата, ниту минусите на термометарот можат да предизвикаат грип или настинка без присуство на вирус или бактерија. Медицинските податоци покажуваат дека главниот двигател на есенските и зимските епидемии е долгиот престој во затворени, слабо винтилирани простории каде концентрацијата на заразни честички брзо достигнува критично ниво.

Истражувањата во имунологијата и вирологијата одамна ја утврдија точната причинско-последична врска кај респираторните заболувања. Експериментите на британската Единица за настинки уште пред неколку децении покажаа дека доброволците изложени на ниски температури не се разболуваат доколку претходно во нивниот организам не се внесе вирус. Температурата на околината сама по себе не содржи биолошки агенси што можат да започнат воспалителен процес.

За да се развие акутна инфекција, потребен е жив патоген, најчесто риновирус, вирус на инфлуенца, респираторен синцицијален вирус (RSV) или одредени бактериски соеви. Тие се пренесуваат директно од човек на човек преку капки при зборување, кашлање или преку контакт со контаминирани површини.

Причината зошто бројот на болни расте во доцна есен лежи во комбинацијата од физика на воздухот и урбани навики. Кога времето ќе залади, прозорците во училиштата, канцелариите и автобусите се затвораат, а грејните тела драстично ја намалуваат релативната влажност на воздухот.

Во сув воздух, респираторните капки што ги исфрла заразен човек не паѓаат брзо на подот. Наместо тоа, водата од нив испарува за дел од секундата, оставајќи лебдечки микроскопски јадра (аеросоли) што можат со часови да циркулираат низ собата. Дополнително, пресушената мукозна мембрана во носот и грлото го губи заштитниот слој слуз, што им олеснува на вирусите да се закачат за епителните клетки.


Редовното проветрување преку создавање кус провев од неколку минути ја исфрла заситената концентрација на микроби и го намалува ризикот од инфекција многу поефикасно отколку прекумерното загревање на собите. Чистиот воздух, темелното миење раце и избегнувањето престој во преполни простории без свеж воздух остануваат основните научни мерки за заштита.

е-Трн да боцка во твојот инбокс