Четиринаесетгодишниот Томо Поповски од Скопје е избран меѓу победниците на глобалниот ликовен конкурс на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), организиран по повод Светскиот ден на храната 2025 година. Со ова признание, тој се вбројува меѓу младите автори од целиот свет чии дела беа препознаени на меѓународно ниво.
Неговиот ликовен труд испраќа порака дека преку соработка, солидарност и грижа за природата може да се гради поодржлива и поправедна иднина за сите. Делото се истакнало по јасната симболика и силната порака поврзана со храната, заедницата и одговорноста кон животната средина.
Со ова признание, Томо Поповски станува четвртиот млад уметник од Северна Македонија кој добил награда на овој престижен меѓународен конкурс, што претставува дополнителна потврда за квалитетот и креативноста на младите таленти од земјата.
Организаторите на конкурсот, ФАО, секоја година ги охрабруваат младите од целиот свет преку уметност да ги изразат своите ставови за значењето на храната, одржливото земјоделство и борбата против гладот.