Иван Блажев и неговиот „Токиски дневник“

Токио – место каде што минатото се испреплетува со иднината

Токио е спој на традиционалното и ултра модерното. Град на контрасти каде што традицијата е хармонизирана со модерното. Место каде што старите традиции коегзистираат со врвната технологија, каде што минатото се испреплетува со иднината. Град во кој нема судир помеѓу старото и новото, туку постои врска на коегзистенција што го прави Токио единствен и автентичен

Иван Блажев е македонски фотограф кој дипломирал на отсекот за филмска режија на Бруклинскиот колеџ во САД. Беше учесник на Мастеркласот организиран од страна на „Reminders Photography Stronghold (RPS)”, галерија во Токио во чии рамки го развива неговиот нов фотографски проект насловен „Сеќавање на допир“. Од посетата на Токио произлзе и неговиот „Токиски дневник“, едно визуелно истражување на градот во наративен стил на тек на свеста. Концепт кој вели и најдобро ги изразува неговите впечатоци за Токио и обидот да ги долови низ објективот. „Уште од првиот ден доживеав сетилно преоптоварување, фотографирав интуитивно, движејќи се од едно искуство во друго. Легендите за моите фотографии ја трасираат патеката на моето движење низ градот во обид да го доживеам, да го сфатам… Приказната за Токио е многу комплексна“ , вели Иван во интервјуото за „Трн“. Неговата најпечатлива фотографија е направена е во Сумида- „Ноќна сцена на урбан пејзаж со ниски градби во прв план, електрични жици (кои се насекаде низ Токио) и Токио Скајтри кулата во позадина. Тоа е Токио кое го засакав.“

Фотографии на Иван ќе бидат изложени и како дел од овогодишниот Сакура Фестивал во Галеријата на МКЦ на 1-ви јуни.

Tрн: На крајот на минатата годината беше дел од Мастеркласот за рачна изработка на уметнички фото книги во Токио. Кажи ни нешто повеќе за оваа работилница. 

Иван: Мастеркласот на кој бев учесник е организиран од страна на “Reminders Photography Stronghold (RPS)”, галерија во Токио со опсежно портфолио од организирање на изложби, работилници, предавања, уметнички резиденции, грантови, издаваштво и разни други настани поврзани со фотографија. Во рамките на галеријата сместена и библиотека со огромна и фантастична колекција на фото книги. Мастеркласот се организира од 2016 година, еднаш годишно и го водат Јуми Гото, куратор и уметнички директор на галеријата и двајца графички дизајнери од Холандија, Теун ван дер Хеијден и Сара ван дер Долен, чија специјалност се дизајнирање и изработка на фото книги. Мастеркласот се состои од предавања и практична работа која ги опфаќа сите фази на изработка на фото книга – од развивање на концепт, преку селекција и едитирање на фотографиите, се до печатење и врзување/шиење. Наменета е за учесници кои веќе имаат готов фотографски проект кој сакаат да го претворат во формат на книга. Тоа што е специфично за овој Мастерклас и посебно вредно искуство е што поттикнува размислување надвор од стандардните рамки и цели кон креација на уникатен производ, книга-објект. На крајот на Мастеркласот секој од учесниците има првична верзија на рачно изработена книга која понатаму низ консултации се доразвива. Посебна вредност на Мастеркласот му ја дава локацијата – Јапонија, заради развиената култура и занаетчиство во изработка на хартии, изработка на книги и издаваштво. Оваа позадина го прави стекнатото искуство уште покомплексно и слоевито. Инаку, во рамките на Мастеркласот јас го развивав во форма нa книга мојот нов фотографски проект насловен „Сеќавање на допир“.

Tрн: Каков е впечатокот за Токио и Јапонија гледан преку твојот објектив?

Иван: Уште на почетокот на одговорот на ова прашање, морам да напоменам дека во Токио не отидов да фотографирам, а заради интензитетот на Мастеркласот и немав многу слободно време за фотографирање. Како што спомнав претходно, во рамки на Мастеркласот работев(ме) со веќе готови и однапред подготвени фотографии. Така што, моето фотографско гледање на Токио би го сврстил во „жанрот“ на визуелно истражување и водење на визуелен дневник. Благодарение на Никон Македонија и РеФот М и нивната брза реакција, посветеност и поддршка за локалните фотографи, имав посебно задоволство со мене во Токио да го понесам најновиот модел на фотоапарат од Никон, Nikon ZF, фото апарат кој е совршен за таква употреба заради својата компактност, лесна употребливост и одлични резултати, а заради спојот на традиционална (ретро) естетика и најсовремена технологија совршено соодветен за град како Токио. Па така, импресиониран од новиот фотоапарат како дополнителен поттик, го користев максимално и тоа малку слободно време што го имав и ги документирав моите обсервации и впечатоци од прошетките и разгледувањата низ Токио. Овие фотографии ќе бидат изложени и како дел од овогодишниот Сакура Фестивал во Галеријата на МКЦ на 1-ви јуни. Насловот на поставката ќе биде „Токиски дневник“, а концептот ќе биде да се постават и прикажат фотографиите како еден вид на дневник на импресии од градот во наративен стил на тек на свеста. Тој концепт и најдобро ги изразува моите впечатоци за Токио и обидот да ги доловам низ објективот. Уште од првиот ден доживеав сетилно преоптоварување, фотографирав интуитивно, движејќи се од едно искуство во друго. Дури, отпосле, кога се вратив во Скопје и ги прегледував фотографиите ја склопував приказната за моето искуство таму.

Tрн: Раскажи ни ја приказната за Токио, преку „легендите“ за твоите фотографии…

Иван: Легендите за моите фотографии ја трасираат патеката на моето движење низ градот во обид да го доживеам, да го сфатам. Сумида, четврт во источно Токио со карактеристичните ниски градби од предвоено Токио; Тезги на Цукиџи рибниот пазар преполни со автентична улична храна и разни „непознати“ производи; Пешачкиот премин во Шибуја низ кој поминува дневно најголемата концентрација на пешаци; Токио Скајтри кулата која делува комплетно нереално, како посадена помеѓу ниските градби на Сумида; шинто светилиштето Незу и звуците на молитва; туристички и помалку туристички места… Легендите се само маркери, референци за места и локации, дообјаснувања за тоа што се гледа на фотографиите. Приказната за Токио е многу комплексна. Јас не успеав ниту да загребам малку од површината. Ги поканувам вашите читатели да дојдат на изложбата во МКЦ на 1-ви јуни да ги погледнат директно фотографиите. Можеби низ фотографиите ќе ја „слушнат“ подобро приказната, отколку да ја читаат од легендите.

Tрн: Спојот на традиоционалното и ултра модерното веројатно го прави Токио посебен. Кажи ни нешто повеќе околу таа релација.

Иван: Таа релација и спој на традиционалното и ултра модерното е можеби најкарактеристична и најавтентичена карактеристика за Токио. Кога се подготвував за патувањето истражував и читав доста информации, текстови, изгледав многу видеа и мислам дека немаше еден текст, едно видео, еден опис да не ја спомне таа релација. И навистина, кога си таму и ќе ја доживееш делува фасцинантно. Тој спој е видлив во сите аспекти на секојдневието, во архитектурата, занаетите, храната, изложбите, односите, уредувањето на просторот, парковите… Токио е град на контрасти, но (и тоа е едно големо но) каде што традицијата е хармонизирана со модерното. Место каде што старите традиции коегзистираат со врвната технологија, каде што минатото се испреплетува со иднината. И мислам дека тоа е многу важен аспект, дека тоа не е судир помеѓу старото и новото (барем јас не го доживеав како судир), туку како врска и коегзистенција што го прави Токио многу автентичен.

Tрн: Колку таа култутра на беспрекорност е нешто на што можеш или не можеш да се навикнеш “на прва“?

Иван: Тоа е многу интересно и предизвикувачко прашање. Таа карактеристика на нивната култура на прва делува чудно, секако и помалку „егзотично“, нешто што кога доаѓаш од нашиве краишта и посебно во последно време „боде очи“ и предизвикува коментари на неверување.

Ќе споделам едно искуство од прва. Не знам дали ви е вам и на вашите читатели познат последниот филм на Вим Вендерс, „Совршени денови“? Накратко, дејствието се случува во Токио и главниот лик во тој филм е чистач на јавни тоалети, а фасцинира посветеноста и деталноста со која тој ја извршува својата секојдневна работа. Кога гледав филмот, бев фасциниран од таквиот пристап, но секако бидејќи е филм останува една нишка на (не)верување дека тоа е сепак можеби пренагласено заради драматуршките апсекти на филмот и карактерите.

Првиот ден во Токио, влегувам во метрото и додека го чекам возот забележувам човек кој почнува да ги чисти оние, да ги наречам, „порти“ каде се чекира картата и низ кои се проаѓа да се влезе во метрото. Прво, облечен во беспрекорна униформа, а на неговиот појас и во неговите раце најразлична опрема за чистење – од мала четка до мобилна правосмукалка. Прво ја пребриша површината со средство за дезинфекција, потоа ги отвори механизмите и ја усисаваше внатрешноста, а најситните делови ги помина со четкичките. Ги затвори механизмите и продолжи уште некое време да ги чисти и пребришува портите навлегувајќи во секое место детално. Гледајќи го, ме потсети на карактерот од „Совршени денови“, дека навистина е така. Ете, тоа е само еден мал пример на таа беспрекорна совршеност, која претпоставувам дека е составен дел на скоро сите аспекти во јапонската култура.

Мислам дека кога стоиш од страна и си сведок, таквата култура е привлечна и прифатлива, но суштината е во тоа таквиот однос да се прифати и практикува. Тука веќе станува потешко, но многу потребно.

Tрн: Токио е „црно бела“ или приказна „во боја“?

Иван: И двете. Имам фотографии кои ќе бидат изложени и во боја и црно-бели. Тоа зависи од конкретните мотиви, повеќе отколку до Токио. Но, ако нешто значи, меѓу редови, јас генерално преферирам и работам црно-бела фотографија, а во Токио и посебно со новиот Никонов фотоапарат уживав во предизвикот да фотографирам во колор.

Tрн: Што би издвоил од Јапонија и од Токио кога би правел селекција на твоите фотографии? Или која би била фотографијата со која би отворил изложба за ова патување?

Иван: Има една фотографија која постојано ми се наметнува кога ги прегледувам и селектирам фотографиите од патувањето. Тоа е всушност и првата фотографија што ја направив, вечерта кога пристигнав. Направена е во Сумида, од терасата на станот во кој бев сместен, ноќна сцена на урбан пејзаж со ниски градби во прв план, електрични жици (кои се насекаде низ Токио) и Токио Скајтри кулата во позадина. Тоа е Токио кое го засакав.

Tрн: Јапонската култура е доста популарна и во земјава, од традиционалиот до модерниот дел. Колку фестивалите како овој помагаат во ширење на таа култура?

Иван: Многу. Едно е искуството кога гледате филмови, серии, читате книги и стрипови, следите аспекти од јапонската култура од трета рака. Ваквите фестивали овозможуваат да се доближи кулутрата непосредно, да се има директен контакт и размена на искуства. Таквиот начин продонесува за многу поавтентичен начин на запознавање и доживување на јапонската култура, а со тоа и нејзино ширење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни