Експерти од Атина помагаат за крај на хаосот со платите во администрацијата

Грчкиот Единствен орган за исплата влегува како урнек за македонскиот закон кој Брисел го бара со години

Експертска мисија од грчкото Министерство за финансии и националната економија од 14 до 18 септември престојува во Скопје за да помогне во воспоставување нов, централизиран систем за платите во администрацијата. Проектот се спроведува преку европскиот инструмент ТАIEX со цел да се преслика грчкиот модел на Единствен орган за исплата, како директна обврска на Северна Македонија од Реформската агенда на Европската комисија за Западен Балкан.

Новиот Закон за системот на плати во јавниот сектор треба да го замени сегашниот поделен модел, каде различни институции пресметуваат бодови и надоместоци според сопствени правилници. Наместо десетици одвоени исплати, државата оди кон централизирана и дигитализирана рамка. Ова усогласување не е само внатрешна потреба, туку услов од пакетот реформи што Европската комисија ги постави за пристап до средствата од Планот за раст.

Грчките стручњаци кои веќе го спроведоа овој процес во Атина преку нивниот Единствен орган за исплата работат со македонските колеги на поставување на архитектурата и временските рокови за законските измени.

На почетокот на работните состаноци се обратија министерот за јавна администрација Горан Минчев и вршителката на должноста амбасадор на Грција во Скопје, Христина Василату.

Василату нагласи дека усогласувањето на платите значи зајакнување на довербата на граѓаните и подобра контрола врз јавните пари.

„Оваа мисија претставува заедничка инвестиција во институционалната отпорност, кредибилитетот на јавната администрација и довербата на граѓаните. Земајќи го како пример оперативниот патоказ на Грција, Северна Македонија е повикана да направи одлучувачки чекор кон усогласување со најдобрите европски практики и зајакнување на својата рамка на фискално управување“, изјави Василату.

Таа додаде дека ваквите темелни зафати бараат трпение и упорност, потврдувајќи дека Грција останува партнер во изградбата на посилни институции.

Ова не е прв ангажман на грчки тимови преку програмата TAIEX во Скопје. Претходно двете земји воспоставија директна соработка преку експертска размена во контролата на животната средина и инспекцискиот надзор. Актуелната фаза го пренесува тоа искуство директно во трезорот и административните служби, со фокус на единствена база на податоци за сите вработени во државниот апарат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс