Човечкиот визуелен систем ги издвојува црвената, жолтата, зелената и сината како основни нијанси затоа што мозокот еволутивно се прилагодил на статистиката на светлината во природата, а не поради специфични рецептори во окото. Ова го покажува истражувањето на научници од Универзитетот Беркли во Калифорнија, објавено преку „Сајенс алерт“. Тимот предводен од невронаучникот Александар Белстен даде одговор на вековната физиолошка енигма преку компјутерска симулација на човечкиот вид врз повеќе од 500 природни пејзажи.
Уште во 19 век, германскиот физиолог Евалд Херинг дефинираше дека луѓето ги перципираат овие четири бои како единствени и чисти. Портокаловата, на пример, веднаш ја препознаваме како мешавина од црвена и жолта. Од друга страна, ниедна од четирите основни нијанси не изгледа како спој на други тонови.
Децениските обиди на биологијата да најде конкретни нервни патишта или рецептори за секоја од нив завршуваа без успех.
„Нивното посебно место остануваше мистерија бидејќи ниедно познато својство на светлината, на фоторецепторите во окото или на невронските процеси во мозокот не објаснуваше зошто токму овие нијанси имаат повластен статус“, изјави Белстен.
Наместо во анатомијата, истражувачите побараа одговор во околината каде што човекот еволуирал. Со анализа на над 500 фотографии од шуми, карпи, небо и растителност, тимот симулираше како трите вида конусни клетки во човечкото око реагираат на светлосните бранови.
Пресметките покажаа дека природните сцени не користат рамномерен спектар. Сончевата светлина, вегетацијата и сенките создаваат специфични оски на контраст.
Мозокот ја оптимизирал својата обработка за да извлече максимум информации со минимална потрошувачка на енергија. Така се формирале два главни канали за споредба: сино наспроти жолто и црвено наспроти зелено.
Четирите бои што денес ги издвојуваме како посебни претставуваат крајните граници на тие природни оски на податоци.