На 15 август, на старото пристаниште во Охрид, се одржа третото и најголемо издание на Red Bull Педалинка досега, каде 24 креативни и борбени тимови ја тестираа својата брзина, вештина, стратегија и тимски дух во една уникатна трка со педалинки на Охридското езеро.
На овогодинешното издание, бројот на тимови се дуплираше, со што учество зедоа тимови од цела Македонија, но и од Холандија, Полска, Словенија и други европски земји, борејќи се за првото место и за наградата: најкреативна тимска маска. Совршените временски услови и страсната публика создадоа одлични услови за трка за тимовите, која се одвиваше во три фази, тестирајќи ја нивната брзина, тимски вештини и стратегија.
Форматот на оваа уникатна трка ги предизвикува учесниците што побрзо да стигнат до целта, каде двајца од тимот напред вртат на педали, а другите двајца веслаат на колена од задниот дел на педалинката.
Од старт до финиш, сите четиричлени тимови покажаа неверојатна борбеност, одлична стратегија и тимски дух, а на крај – двата тима кои го обезбедија своето место во финалето беа The Kapa’s, тим составен од двајца учесници од Холандија и двајца македонци & Титани на промајата, екипата што победи на првото издание на Red Bull Педалинка, тогаш под името Богови на промајата.
Последната фаза, односно финалето, донесе уште еден уникатен Red Bull пресврт, со цел да ја тестира тимската стратегија и нивната прецизност. Покрај возењето и веслањето, тимовите имаа три шанси да постигнат повеќе голови во вода од противничкиот тим, а публиката до самиот крај го следеше исходот и го бодреше својот фаворит.
На крај, наградата за прво место повторно им припадна на Титаните на промајата, покажувајќи неверојатна стратегија, тимска синхронизација и брзина за време на целиот натпревар.
После учеството на сите три изданија, победничкиот тим испиша уште едно поглавје во нивната приказна со Red Bull Педалинка, повторно враќајќи се на врвот, овојпат како Титани на промајата.
Покрај трката, сите тимови и оваа година имаа шанса да ја покажат и нивната креативна страна, а жирито составено од Ана & Мане (@adventure.mk), Вања (@vanjalive) и Дамјан (@paddleklub) имаше (тешка) задача да избере која екипа најмногу се издвојува од другите. Оваа година, титулата им припадна на тимот WiFi Tribe 1, кој со својата уникатна тимска маска успеа да ги освои гласовите на жирито.
Третото, најголемо издание на Red Bull Педалинка броеше 24 тимови, учесници од Македонија и од други европски земји, како и неверојатна публика која беше дел од секој момент на трката. Како за крај, може да констатираме дека оваа уникатна трка со педалинки повторно приреди незаборавно искуство и уште еднаш нè врати во она препознатливо охридско лето во кое педалинките се неизбежен дел од приказната.