Протестот започна пред Владата, продолжи кон Собранието, а заврши пред Основниот кривичен суд. Учесниците маршираа со транспаренти и извикуваа пораки како: „Доста беше смрт“, „Нема да молчиме“ и „Правда за жртвите“. Покрај Градската болница ги поздравија здравствените работници со аплауз.
Од движењето порачаа дека протестираат против игнорирањето на нивните барања и непостапувањето на институциите. Анастасија Митревска апелираше до граѓаните да не молчат пред неправдите.
„Денеска сме на улица да се избориме против системот кој не тера да ги заборавиме сите овие трагедии. Исто така протестираме за сите барања кои се изнесени во јавноста досега и властите се запознаени. Но, повеќе се вртат муабети кои сме ние, наместо да се обрати внимание на она што ние го бараме“, рече Митревска на почетокот на протестот.
Протестот заврши со триминутен молк за жртвите од трагедиите, меѓу кои и несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Беше побарана и правда за Теодора Ристовска од Тетово, чии родители го критикуваа движењето бидејќи не ги консултирало за поддршка.
Од „Кој е следен“ повторно нагласија дека немаат политичка позадина, отфрлајќи ги обвинувањата од власта.
„Ние сме економисти, правници, доктори – не сме ничии платеници“, изјавија од движењето.