Најмалку 31 загинат по самоубиствен напад врз полициски комплекс во Пакистан

Автомобил со експлозив влета во полициски комплекс додека полицајците се молеле, а престрелките со забарикадираните напаѓачи продолжија и денеска.

Најмалку 31 лице загина, а повеќе од 100 се повредени во самоубиствен напад со автомобил-бомба врз полициски комплекс во северозападен Пакистан. Напаѓачот активирал возило преполно со експлозив во моментот кога полициските службеници и нивните семејства биле на молитва во џамијата во рамки на станицата, потврдија локалните власти за агенцијата Франс прес.

По силниот удар на возилото во објектот, безбедносните сили се соочија со вооружен упад. Според полициски извори, неколкумина напаѓачи веднаш по експлозијата се забарикадирале во дел од полицискиот комплекс.

Борбите и престрелките меѓу пакистанските сили и милитантите продолжија и во текот на денешниот ден, додека спасувачките екипи ги извлекуваат настраданите од урнатините. Голем број од повредените се во критична состојба во локалните болници.

Одговорноста за координираниот напад ја презеде групата „Итехад-ул-Муџахидин Пакистан“. Станува збор за локална фракција директно поврзана со движењето „Техрик-е-Талибан Пакистан“ (ТТП), кое со години води вооружена кампања против безбедносните институции во земјата.

Нападот повторно ги разгоре тензиите меѓу Исламабад и Кабул. Пакистанските власти отворено ги обвинуваат милитантните структури базирани преку границата во Авганистан за новиот бран насилство. Од своја страна, талибанските власти во Кабул ги отфрлаат ваквите тврдења и негираат дека нивната територија се користи како засолниште за прекугранични удари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс