Србија влезе во првата фаза од развојот на сопствена нуклеарна програма по укинувањето на 35-годишниот мораториум, но плановите за изградба на реактори се соочуваат со отсуство на стручен кадар и недостиг на јавна дебата. Според физичарот Слободан Бубњевиќ, институциите потпишуваат договори и носат законски измени без консултација со граѓаните. Државата нема ниту еден реакторски инженер, што според стручњаците ги прави владините најави за нуклеарна енергија по 2040 година практично неодржливи.
Владата во Белград отвори пат кон нуклеарната енергија преку измени на Законот за енергетика во ноември 2024 година, укинувајќи ја забраната за изградба на вакви објекти што важеше уште од 1989 година. Со ова е дефиниран трифазен развој: првата фаза опфаќа проценка на оправданоста и регулативата, втората одредување локации и изработка на студии, а третата проектирање и изградба.
Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ потпиша спогодби со Француската електростопанска корпорација (ЕДФ) и Француската агенција за развој (АФД). Овие договори треба да обезбедат поддршка за изработка на анализи, а првата фаза според најавите ќе трае до средината на 2027 година. Претседателот Александар Вучиќ претходно порача дека земјата цели кон мали модуларни реактори, но и призна дека нема прецизен план како ќе се обезбедат потребните 7,5 милијарди евра.
Научниот новинар и физичар Слободан Бубњевиќ оценува дека роковите што ги поставува власта се нереални, пред сè поради целосниот дефицит на квалификувани луѓе.
„Србија денес има ист број реакторски инженери како пред две или пет години, а тој број е нула. Регулативата е полесно да се донесе дури и кога е погрешно поставена, но стручњаци не се создаваат со политичка одлука“, вели Бубњевиќ за Н1.
Тој потсетува дека изработката на техничката студија за примена на нуклеарната енергија ѝ беше доверена на француската компанија „Ежис“ – истата фирма што вршеше надзор над реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад. За Бубњевиќ, спорно е и тоа што тендерот беше распишан уште пред Собранието официјално да го укине мораториумот.
Србија останува зависна од согорувањето на лигнитот од најнизок квалитет, а енергетската транзиција бара брзо напуштање на јагленот. Сепак, обидот да се влезе во нуклеарен проект без јавен консензус носи политички ризик.
„Влегувањето во проект што чини милијарди и носи ризици по здравјето на населението за следните сто години бара согласност од граѓаните. Ниту една европска држава не почнала ваква програма без претходно да ја праша јавноста. Без поддршка од граѓаните, ваквите потфати најчесто пропаѓаат недовршени“, предупредува Бубњевиќ.