Полското воено воздухопловство утрово крена борбени авиони во сопствениот воздушен простор како превентивна заштита поради масовни руски напади со дронови врз западна Украина. Оперативната команда на вооружените сили на Полска потврди дека сите копнени системи за противвоздушна одбрана и радарско извидување веднаш биле ставени во состојба на највисока борбена готовност за заштита на пограничниот појас.
Одбранбените мерки беа насочени кон зачувување на безбедноста на воздушниот простор во регионите што граничат со Украина. Оперативната команда на полската армија соопшти дека за време на руските удари биле активирани сите расположливи сили и капацитети.
„Копнените системи за противвоздушна одбрана и радарско извидување постигнаа полна готовност“, објави командата преку официјалното соопштение, појаснувајќи дека дејствувањето имало исклучиво превентивен карактер.
Откако заврши бранот руски напади врз украинските западни области, полските воени сили ја заклучија вонредната операција. Армиски извори потврдија дека во текот на утрото немало повреда на суверениот воздушен простор на Република Полска.
По завршувањето на воздушната опасност, патролните авиони се вратија во своите бази, а противвоздушните и радарските единици продолжија со редовните мирновременски дежурства.
Ова е вторпат во текот на една недела Варшава да крева борбена авијација заради руски воени активности во непосредна близина на нејзината граница.
Полските вооружени сили најавија дека продолжуваат внимателно да го следат развојот на воените дејствија во Украина со цел навремена реакција при каква било закана за источното крило на НАТО.