Лондон под полициска опсада поради првиот дерби дуел меѓу Милвол и Вест хем по 14 години

Британската престолнина се подготвува за јубилејната 100. пресметка на закрвените ривали од доковите по враќањето во Чемпионшип.
Фото: Egghead06, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Лондонската полиција воведе строги безбедносни протоколи пред денешниот натпревар меѓу Милвол и Вест хем на стадионот „Ден“, откако двата клуба по 14 години пауза повторно се среќаваат во лигашко натпреварување. Јубилејниот 100. дуел на закрвените ривали од источен Лондон носи висок безбедносен ризик, поттикнат од повеќедецениското навивачко насилство и новите отворени закани упатени кон гостинските фудбалери.

Тензиите пред средбата на стадионот на Милвол ескалираа откако група домашни навивачи на улица му се заканија на играчот од средниот ред на Вест хем, Томаш Соучек. Приврзаниците на Милвол му порачаа на чешкиот фудбалер дека физички ќе го нападнат доколку се појави на теренот. Овој инцидент веднаш го вклучи алармот кај безбедносните служби во градот, со оглед на тоа што вербалните пресметки меѓу овие два табора во минатото често прераснуваа во трагедии.

Судирите меѓу навивачките структури на двата клуба траат со децении. Во немири во 1976 година, навивач на Милвол го загуби животот откако беше фрлен од воз во движење, а десет години подоцна со нож беше убиен приврзаник на Вест хем.

Брутални сцени се забележани и на 21 март 2004 година, настан познат како „Масакрот на Денот на мајката“, додека во 2006 година нивна пресметка за време на јавно гледање на натпревар од Светското првенство резултираше со 16 повредени. Последниот поголем куп-судир на стадионот „Аптон парк“ во 2009 година заврши со прободен навивач на Милвол и масовно влегување на теренот.

Корените на конфликтот датираат од крајот на 19 век, кога работниците од мелниците на „Ајл оф Догс“ во 1885 година го формираа Милвол, а работниците од бродоградилиштето „Темс ајронворкс“ деценија подоцна ги поставија темелите на Вест хем. Иако и двата клуба произлегоа од работничката класа покрај Темза, Генералниот штрајк во Британија од 1926 година го претвори локалното ривалство во отворена омраза. Работниците од Вест хем штрајкуваа, додека оние околу Милвол продолжија да работат, поради што со генерации беа етикетирани како штрајкокршачи и предавници.

Конфликтите добија организирана насилна форма во текот на 1960-тите и 1970-тите години со подемот на хулиганските групи „Интер сити фирм“ (Вест хем) и „Бушвакерс“ (Милвол).

Двата тима се најдоа во ист ранг откако Вест хем минатата сезона испадна од Премиер лигата во Чемпионшип. Од друга страна, Милвол пропушти директна шанса за влез во елитата откако во плејофот загуби од Хал сити.

Последната официјална средба меѓу овие два тима се одигра во февруари 2012 година, кога Вест хем победи со 2:1. Оттогаш поминаа 14 години, во кои Вест хем освои европски трофеј и се пресели на модерен стадион, додека Милвол остана на „Ден“, каде денеска повторно се игра дерби со максимални полициски сили на улиците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс