Ирското регулаторно тело за заштита на приватноста ѝ изрече парична казна од 11 милиони евра на компанијата „Меч груп“, сопственик на апликацијата за запознавање Тиндер. Причината е тоа што апликацијата не им овозможувала на корисниците целосен преглед на нивните лични податоци кога ќе го побарале тоа.
Комисијата за заштита на податоците (ДПЦ) соопшти дека алатката што Тиндер им ја нуди на корисниците за преземање на нивните лични податоци не е соодветна. Во јануари 2020 година регулаторот отвори истрага за да утврди дали алатката „Преземи ги моите податоци“ (Download My Data) е усогласена со Општата регулатива за заштита на податоците (ГДПР) на Европската Унија.
Истрагата утврдила дека алатката не им овозможувала на корисниците пристап до сите нивни лични податоци. Одредени категории информации биле изоставени, а понекогаш корисниците добивале само резиме на податоците.
Со тоа алатката не ги исполнувала барањата на ГДПР, според кои секој поединец има право да добие пристап до личните податоци што една компанија ги поседува за него. Покрај казната од 11 милиони евра, „Меч груп“ добила и официјална опомена и рок од три месеци да ги усогласи своите постапки за обработка на податоците со одредбите на ГДПР.
Компанијата најавила дека ќе поднесе жалба на одлуката на ДПЦ.
