Петицијата за враќање на Џенсен Хуанг надмина 100.000 потписи: Ја потпиша и Илон Маск

Само два дена по заминувањето на Џенсен Хуанг, интернет-петицијата со која се бара негово враќање на чело на „Енвидија“ собра повеќе од 100.000 потписи. Меѓу потписниците се Илон Маск и неколку познати имиња од Силициумската долина.

Петицијата се вика „Станд вит Џенсен“ и е објавена на посебна интернет-страница што ја водат волонтери и не е поврзана ниту со „Енвидија“ ниту со Хуанг. Организаторите тврдат дека ја потпишале повеќе од 50.000 акционери и околу 5.000 актуелни вработени во „Енвидија“.

Овие бројки треба да се земат со резерва, бидејќи потписниците сами ги внесуваат своите податоци. „Бизнис инсајдер“ објави дека на списокот се нашле и „Тим Круз, холивудски актер“ и „Си Џинпинг“. Организаторите велат дека ги отстрануваат лажните потписи.

Маск во петокот на платформата Икс напиша дека петицијата е во тек и дека и тој ја потпишува. Следниот ден додаде и деловен аргумент: според него, без Хуанг „Енвидија“ би изгубила барем дел од клучните договори.

Петицијата ја потпишале и шефот на „Епик гејмс“, Тим Свини, извршниот директор на „И комбинатор“, Гари Тан, основачот и директор на „Реплит“, Амџад Масад, како и коосновачот на „Кохир“, Ејдан Гомез.

Што бараат потписниците?

Во отвореното писмо до управниот одбор, организаторите тврдат дека Хуанг бил отстранет без истрага и без правична постапка. Тие бараат да се врати на функцијата извршен директор додека трае независната истрага. Доколку тоа не се случи, управниот одбор треба да изнесе конкретна причина, поткрепена со докази, зошто неговото заминување е неопходно.

„Не ни беа презентирани докази што ги поткрепуваат обвинувањата за шпионажа. По 33 години посветени на „Енвидија“, Џенсен заслужува правична постапка, а не линч“, напишале организаторите.

Тие додаваат дека не ги сметаат обвинувањата за докажани и дека не сакаат однапред да го предодредат исходот од истрагата.

Инвеститорите повикуваат на воздржаност

Независно од петицијата, Бред Герстнер од „Алтајмер капитал“ и Гевин Бејкер од „Атридес менаџмент“ во петокот испратиле писмо до управниот одбор. Во него бараат внимателен пристап при изборот на новото раководство, оставајќи ја отворена и можноста Хуанг да се врати.


Според нив, управниот одбор треба да избегне избрзана замена на Хуанг, која би можела да им наштети на интересите на сите поврзани со компанијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс