Петнаесет пријави за семејно насилство во едно деноноќие, колку што евидентира денешниот билтен на Министерството за внатрешни работи, е бројка што не може да помине незабележано. Вообичаените дневни извештаи на МВР годинава регистрираат по пет, шест или осум пријави во текот на изминатите 24 часа. Но денешниот број не е изолиран случај, туку дел од поширок тренд. Тоа го покажа и анализата што МВР ја презентираше пред само два дена.
Според неа, во првите десет месеци од 2026 година биле пријавени рекордни 1.897 случаи на семејно насилство, наспроти 1.125 во истиот период минатата година. Тоа претставува зголемување од околу 70 отсто. Повеќе од 95 отсто од пријавите се однесуваат на телесна повреда при семејно насилство и загрозување на сигурноста. Заклучно со октомври биле поднесени 1.450 кривични пријави за 1.489 кривични дела, што е раст од над 50 отсто. По брза постапка биле поднесени 153 кривични пријави, односно 160 отсто повеќе отколку лани.
Особено загрижувачки е податокот за децата: во првите девет месеци од годинава биле евидентирани 100 деца жртви на семејно насилство.
Долгорочната слика покажува дека проблемот не е нов. Во периодот од 2021 до 2025 година биле регистрирани 5.537 кривични дела поврзани со семејно насилство, 5.699 сторители и 5.890 жртви. Тоа е просечно околу 1.107 кривични дела годишно, или приближно три дневно. Од сторителите, 91 отсто се мажи. Жртвите најчесто доаѓаат од најблискиот семеен круг. Во 2025 година најчесто биле евидентирани сопруги (1.438), родители (1.000) и поранешни брачни партнери (708).
Дали ова значи дека Македонија станува сè понасилна? Одговорот не е едноставен, бидејќи полициската статистика го мери бројот на пријави, а не вистинскиот обем на насилството. Голем дел од насилството во домот никогаш не стигнува до полицијата, па зголемувањето на бројот на пријави може да значи две сосема различни работи: дека има повеќе насилство или дека сè повеќе жртви конечно одлучуваат да проговорат и да побараат помош.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го прифаќа второто објаснување и зголемениот број пријави го поврзува со поголемата подготвеност на жртвите да побараат помош. Во прилог на ова толкување одат и податоците за институционалниот одговор. Бројот на пријави поднесени по брза постапка бележи значителен раст, а кривични пријави се поднесени против 1.521 сторител, наспроти 1.025 во истиот период лани, што претставува зголемување од околу 48 отсто.
Слични толкувања се среќаваат и во други земји. Во Естонија, на пример, полицијата зголемувањето на бројот на регистрирани случаи го толкува и како показател дека повеќе луѓе се охрабруваат да пријават насилство и имаат подобар пристап до помош.
Но и ова толкување има свои граници. Ако растот е резултат на поголема доверба во институциите, тоа може да биде добра вест за системот, но не и за жртвите. Тоа значи дека насилството можеби отсекогаш било многу пораспространето отколку што покажувале официјалните податоци, а дел од него и натаму останува скриено. Затоа експертите со години предупредуваат дека на прашањето дали насилството расте не може да се одговори само со полициски статистики. Потребни се и истражувања за распространетоста на насилството, кои ги испитуваат личните искуства на жените, без оглед на тоа дали тие некогаш пријавиле насилство во полиција.
Податоците излегуваат во пресрет на почетокот на меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“, која започнува на 25 ноември. Но зад бројките остануваат отворени прашањата на кои институциите сè уште треба да дадат одговор: колку од пријавите завршуваат со судска пресуда, колку жени по пријавувањето имаат безбедно место каде што можат да заминат, колку од изречените мерки за заштита навистина се спроведуваат и колку деца растат во домови во кои насилството е секојдневие.
