Search

Тина Тарнер – жестока и заводлива рок и соул икона

Жена која зрачи со енергија, одличен стил и коса како лавовска грива – така ќе биде запаметена од фановите рок кралицата Тина Тарнер. Нејзиниот длабок глас, пак, ја запиша и засекогаш ќе остане дел од музичката историја.

Прославувајќи ја својата последна светска турнеја во 2009 година, Тина Тарнер го одржа својот последен концерт на 5 мај, во Шефилд, Англија. Потоа, на 69-годишна возраст, нејзината кариера и времето кога беше во центарот на влијанието и низ медиумите дојде до крајот. „Тоа беше одлично шоу, навистина прекрасно“, рече таа години подоцна во ретко интервју за Би-Би-Си.

Следниот ден длабоко вдишила и решила: „Тоа беше тоа. Нема шанси да се вратам назад“. Повеќе од 50 години, таа ја поминувала речиси секоја ноќ во автобус, авион, во автомобил или хотел. “Постоеше само тој живот за мене. И во одреден момент, не сакав повеќе да танцувам и пеам. Сакав да бидам дома и да бидам нормална”.

Нејзината „дома“, каде што ги помуваше т.н. пензионерски денови беше вила во близина на Куснахт кај Циришкото Езеро, каде што таа живееше од 1990-тите. Имотот од повеќе од еден хектар во Швајцарија, кој го нарече „Алгонкин“ по нејзината баба домородна Американка, беше место каде Тина уживаше во нејзиното повлекување од шоу-бизнисот заедно со нејзиниот германски сопруг Ервин Бах.

Долго време остана тајна дека во подоцнежните години од животот била тешко болна. Преживеала мозочен удар, боледувала од рак на дебелото црево и добила трансплантација на бубрег. Органот го донирал нејзиниот сопруг во 2017 година, но пред тоа таа долги години била зависна од дијализа.

Сепак, Тина остана своеглава и се опорави. Како будист, таа никогаш не се плашеше од смртта. „Не верувам во Бог и Ѓаволот; дека има некој таму што ти кажува што си направил правилно, а што погрешно“, изјави таа за германскиот неделник „Ди Цајт“ во 2018 година. Тарнер беше убедена дека секоја почината личност започнува нов живот во одреден момент. „Одиме и правиме пауза. А потоа се враќаме – и почнуваме одново“, веруваше таа. Токму во нејзиниот затскриен дом во Швајцарија, пејачката почина на 83-годишна возраст.

Ако беше во право, таа секако заслужува лесен почеток во нејзиниот следен живот во реинкарнација. Родена на 26 ноември 1939 година, како Ана Меј Булок, пораснала на фарма во малиот град Натбуш, Тенеси, каде што нејзиниот татко работел како надзорник на собирачите на памук. Расната сегрегација сè уште преовладувала во САД, а како дете таа морала да го спушти погледот кога зборувала со белец: „Да, господине, не господине“ бил очекуваниот начин на зборување. Во недела, Ана Меј пеела во црковниот евангелски хор.

Во 1955 година, таа се преселила во Сент Луис, каде што нејзината средба со Ајк Тарнер, пионер на соул музиката, ѝ го промени животот. Таа и нејзината сестра, Алин почнале да го посетуваат клубот Менхетен во Источен Сент Луис., за да ги слушнат Ајк Тарнер и неговиот бенд Kings of Rhythm.

„Сакав да се качам на бината и да пеам“, се сеќава Тина во „Јас, Тина: Мојата животна приказна“ (1986). Една вечер, за време на една од паузите на бендот, тапанарот Јуџин Вашингтон ѝ го подал микрофонот и таа почна да ја пее песната на Б.Б. Кинг „You Know I Love You“, песна продуцирана од Ајк Тарнер. „Кога Ајк ме слушна, тој рече: ‘Боже мој!’“, изјави таа за списанието People во 1981 година. „Не можеше да поверува дека гласот излегува од ова изнемоштено мало тело“.

Пресвртот во нејзината кариера доаѓа во 1960 година кога Арт Ласитер, пејачот на групата Ајк Тарнер бенд, требало да ја сними песната „A Fool in Love“. Но, тој не успеал да се покаже, па наместо тоа Ајк ја испратил младата Ана Меј на микрофонот. Тоа беше нивниот прв хит, кој стигна до број 27 на американските топ листи. Заради промоција, Ајк ја преименуваше младата пејачка Тина, конечно извлекувајќи ја од хорот и ставајќи ја во центарот на вниманието. Оттогаш, тие заедно ја обиколија земјата како Ike & Tina Turner Revue.

Во својата книга „Takin’ Back My Name: The Confessions of Ike Turner“ (1999), напишана со Ајк Тарнер напиша: „Песните ги пишував замислувајќи го Литл Ричард, но го немав Литл Ричард да ги пее, па Тина беше мојот Литл Ричард. Слушајте ја внимателно Тина и кого слушате? Литл Ричард пее со женски глас“.

Ајк и Тина исто така станаа пар. Музичарите се венчаа во Мексико во 1962 година и заедно добија два сина. На професионален план, тие бележеа само успеси. Импресивниот глас на Тина беше забележан и во Европа кога таа запеа во поп-симфонијата на Фил Спектор „River Deep, Mountain High“ во 1966 година – за хонорар од 25.000 долари.

Заедничката турнеја со Ролинг Стоунс, редовните концерти во Лас Вегас, нов профитабилен договор за плочи и повисоките хонорари за настапите во живо ги одбележаа успешните години на Ike & Tina Turner Revue кои секоја година свиреле по околу 270 концерти.

Во текот на нејзината кариера, Тина имаше хипнотички ефект врз публиката. Додека таа оживуваше на сцената, имаше тенденција да биде резервирана приватно и речиси срамежлива, што функционираше како противтежа.

Песната „Proud Mary“ ги катапултираше во топ 10 на американските топ листи за прв пат во 1970 година. Синглот беше продаден во над милион плочи и Тина ја доби својата прва Греми награда како најдобра пејачка на ритам и блуз.

Како уметничка двојка, Ајк и Тина Тарнер беа примени во „Куќата на славните на рокенролот“ во 1991 година – иако одамна тргнаа секој по својот пат.

Во нејзината биографија од 1986 година, „Јас, Тина: Мојата животна приказна“, пејачката го опиша нивниот брак како пекол на Земјата. Ајк постојано ја изневерувал Тина, а се однесувал и како тиранин, поради кого неколку пати завршувала во болница. Во 1976 година, сепак, таа одлучила да стави крај: По свирка во Далас, Тина побегнала од хотелскиот апартман со отечено, помодрено лице и само 36 центи на нејзиното име и повеќе не се вратила. Во разводот таа се откажала од сите права и заеднички имот, а од бракот и разделбата го задржала само своето уметничко име. Име кое подоцна ќе и донесе светска слава.

Сепак, на Тина на почетокот не ѝ било лесно. Била во долгови поради откажаната турнеја со Ајк, кој ги зел сите хонорари. Таа пеела во барови и на деловни настани, а работела и како чистачка: „Тоа што бев слободна … тоа беше прекрасно! Не ми беше грижа што немам пари, што морам да чистам други куќи за да заработат за живот“, се сеќава таа подоцна на овој предизвикувачки период.

Големите издавачки куќи во тоа време ја отпишаа како стара ѕвезда која тешко можеше да се пласира на пазарот. Но, музичкиот продуцент и менаџер Роџер Дејвис ја поддржа Тина. Тој верувал во неа и ја извлече од застојот во кариерата. Со албумот Private Dancer, Тина повторно се врати во центарот на вниманието во 1984 година на 45-годишна возраст. Објавениот сингл „What’s Love Got To Do With It“ стана нејзиниот прв хит бр. 1.

Оттогаш, кралицата на рокот можеше да се движи само нагоре. Во текот на нејзината повеќе од 50-годишна кариера, Тина Тарнер продаде околу 200 милиони албуми и освои 12 Греми награди. Во 1988 година, таа настапи на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро пред 180.000 луѓе – оваа огромна публика ѝ ја внесе и во Гинисовата книга на рекорди.

Во 1985 година, таа го запознала музичкиот менаџер Ервин Бах, кој бил 16 години помлад од неа, во Келн, Германија. И покрај тоа што беше љубов на прв поглед, тие двајца се венчаа дури во 2013 година, со будистичка церемонија. Тоа беше 51 година по нејзиниот брак со Ајк. Се вели дека меѓу гостите на свадбата биле Дејвид Боуви, Ерос Рамазоти и Џорџо Армани. Истата година Тина Тарнер доби и швајцарско државјанство.

По нејзиното повлекување од сцената, таа снимила будистички текстови за духовен музички проект. Во 2018 година, таа беше консултант на креаторите на мјузиклот Тина Тарнер. Истата година беа објавени нејзините мемоари Мојата љубовна приказна. Таа книга покажува дека Тина Тарнер не само што била прекрасна пејачка, туку и неуморен борец.

Водителката Опра Винфри, долгогодишната пријателка на Тина, накратко рече: „Тина, не само што пееш и танцуваш. Кога луѓето ќе те видат на сцена, знаат дека си се изборила да излезеш од најлошиот очај. Тоа значи дека колку и да падне некоја жена, таа може да успее, исто како што успеа ти“.

Пред Тина Тарнер, сексуалното изразување на женските поп и соул изведувачи беше главно ограничено на блуз и ар-ен-би клубови. Тарнер направи вистинска револуција во културата со тоа што ја направи оргазмичката енергија прифатлива на сцената и телевизијата во доцните 1960-ти, поставувајќи ја основата за неколку генерации женски поп, диско и хип-хоп изведувачи – од Мадона, Дона Самер. и Џенет Џексон до Лејди Гага, Карди Би и Тејлор Свифт.

Најново

Последни колумни