„The thinker“ и „The doer“

Да признаеме феминистичката борба не е еднолична игра, туку пат на предизвици и акција. Што точно значи? Значи учество, зајакнување и мотивација за вклучување. Значи ветер во грб и охрабрување, значи реченицата „Ти си No.1, продолжи напред“!

Во Париз во „Музејот на Роден“, пред неговата најпозната бронзена скулптура „Мислителот“… Седам, и се сеќавам на едно meme од социјалните медиуми, каде беше претставена споредбата меѓу „The thinker“ и „The doer“. За момент се потсетувам и на мојот професор Жељко по Социологија, оној кој прв ме запозна со мислителот Аристотел, ме натера да се вклучувам на дебата и ми кажа „Секогаш вклучи се од страната на која што не си. Брани го ставот кој што не е твој. Така се станува добрa дебатерка“. И така на 16 години прв пат зборував за легализација на сексуалната работа, феминизам, легализација на абортус и легализација на користење на канабис. Обидувајќи се да ги разберам оние што не мислат како мене.

Жељко имаше бела долга коса и 62 години, прогресивен професор во тогаш неверојатно конзервативно време кој нѐ тераше да разговараме за неверојатно прогресивни теми. Чисто да разбере во која насока растеме ние. Да процени кој ќе го креира идното општество и најважно од се, да нѐ натера критички да размислуваме. Да ја гледаме и другата страна иако можеби и не ни е во интерес.

Од тие денови јас станав поборник за женски права. Низ брановите на феминизмот – првиот, вториот, третиот и низ сложеноста на денешницата одлучувам да сум меѓу цврстите застапнички на правата на жените. Јас позади екранот заедно со жената што зборува од говорница, жената што меси леб во пекара, жената што шие на машина и онаа која е во редовите на одбранбените сили. Сите нас секој бран нè научи на непроценливи вредности и жените мислители, и извршители.

Најчесто мислителката во општеството претставува интелектуалка, застапничка и стратегот – жена која ја артикулира потребата за промени на општествените норми. Од друга страна пак извршителот е активистката, жената која спроведува – лидерка. Онаа која идеите ги претвара во конкретни дејствија онаа која крши бариери и создава патишта по кои другите можат да следат. Познавам вакви жени.

А имам слушнато и за вакви – оние кои се и мислителки и извршувачки, кои откако ќе се најдат на позиција на моќ се повлекуваат само во мислителки, губејќи ја суштинската работа на извршувачот, заборавајќи ја моќта и одговорноста на позицијата. Носат надежи и очекувања на многумина и себеси се сметаат за пионери и симболи за пример на новите генерации. Тука јазот помеѓу намерата и акцијата расте можеби затоа што од позиција на моќ, често пати реториката не се совпаѓа со реалноста.

Нема да дозволиме да се сведеме на обични мислителки, кои под капа на родовата еднаквост исполнуваат сопствени агенди или цели на конзервативни групи. Онакви какви што за жал сведочам дека ги има. Одвоени од реалноста на светот околу нас. Нема да седиме со скрстени раце, гледајќи од климатизирани соби додека жените и децата страдаат на места како Газа. Додека пеењето стана забранета активност и активно се промовира седење дома, откако едвај „рамноправно“ влеговме на пазарот на труд. Ние сме целосно свесни за моќта и одговорноста што доаѓа од секоја позиција и секоја од нас ќе ја искористи за да исчекориме кон промена.

Да признаеме феминистичката борба не е еднолична игра, туку пат на предизвици и акција. Што точно значи? Значи учество, зајакнување и мотивација за вклучување. Значи ветер во грб и охрабрување, значи реченицата „Ти си No.1, продолжи напред“!  За ова дека сум во право ќе знаат тие што го запознале Жељко…

Нејсе што сте вие „The thinker“ или „The doer“?

Фотографии: Norma Rae, режија Мартин Рит

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни