Патувате со куче или мачка? Овие европски авиокомпании имаат најмногу опции за миленици

Проверете кои европски авиокомпании дозволуваат миленици во кабината, колкава е максималната тежина и колку чини превозот.

Патувањето со домашно милениче може да биде многу покомплицирано од обичното купување авионска карта. Треба да проверите дали кучето или мачката може да патува во кабината, колкава е дозволената тежина, дали е можна опција во багажниот простор и колку ќе чини дополнителната услуга.

Истражувањето на „ЕрАдвајзор“ опфатило 22 европски авиокомпании и ги споредило нивните правила за превоз на миленици – од патување во кабината и багажниот простор до можноста животните да ги придружуваат сопствениците во аеродромските салони.

Од 22 авиокомпании, само три не дозволувале миленици да патуваат во кабината. Правилата, сепак, значително се разликуваат од компанија до компанија.

„Егејан ерлајнс“

„Егејан ерлајнс“ дозволува кучиња и мачки во кабината, доколку миленичето заедно со транспортерот не тежи повеќе од осум килограми. Цената се движи од 35 евра за домашни летови во Грција до 65 евра за подолги интерконтинентални летови.

Поголемите миленици можат да патуваат во багажниот простор. Цената за директни домашни летови е од 50 до 90 евра, а за директни меѓународни летови од 110 до 180 евра, зависно од тежината. Миленичињата се дозволени и во салоните на компанијата, но мора да останат во транспортерите.

„Ер Франс“ и „КЛМ“

На летовите на „Ер Франс“ во кабината може да патува едно куче или мачка со тежина до осум килограми, заедно со транспортерот. Миленичиња од осум до 75 килограми се превезуваат во багажниот простор, додека оние над 75 килограми не се прифаќаат.

За меѓународни патувања миленичето треба да има најмалку 15 недели. За одредени летови во Франција и кон некои француски прекуморски територии важат поинакви правила. Превозот во кабината чини од 70 до 250 евра, а во багажниот простор од 100 до 750 евра.

„КЛМ“ има слични правила, но дополнителната такса може да достигне до 500 евра во еден правец.

„Остриан ерлајнс“

„Остриан ерлајнс“ дозволува до две мачки или кучиња во кабината, со вкупна тежина до осум килограми. Цените се движат од 65 евра за домашни летови во Австрија до 125 евра за долги интерконтинентални летови.

Миленичето мора да биде во мека, безбедна транспортерска торба, а истото правило важи и во салоните на авиокомпанијата. „Бриселс ерлајнс“ Во кабината можат да патуваат до две мали мачки или кучиња, со максимална тежина од осум килограми заедно со транспортерот. Цената се движи од 80 до 115 евра, зависно од рутата.

Зајаци, птици, глодари и риби не се превезуваат во кабината, туку според правилата на компанијата се транспортираат како карго во багажниот простор.

„Финаир“

„Финаир“ дозволува мачки и кучиња да патуваат и во кабината и во багажниот простор на сите свои линии. Во одредени услови, од земји членки на ЕУ може да се превезуваат и ежови, желки и зајаци. Поровите се превезуваат во багажниот простор. Во еден транспортер можат да патуваат две миленичиња од ист вид, доколку вкупната тежина не надминува осум килограми.

Цената за кабината е 60 евра за европски летови и 120 евра за интерконтинентални. За багажниот простор се плаќа 140 евра во Европа и до 650 евра на интерконтинентални летови. Компанијата наведува дека превозот може да биде поевтин ако се резервира најмалку седум дена пред полетувањето.

„ЛОТ полиш ерлајнс“

Со „ЛОТ“ можат да патуваат мачки, кучиња и порови во кабината или во багажниот простор. Во кабината можат да бидат најмногу две миленичиња од ист вид, со тежина до осум килограми. Доплатата е 44 евра за домашни летови во Полска, 70 евра за кратки линии и 100 евра за долги летови.

Компанијата дозволува миленици и во своите салони, каде што можат да се движат под постојан надзор на сопственикот.

„Луфтханза“

„Луфтханза“ дозволува до две миленичиња по патник, во зависност од условите во кабината, багажниот простор или одделно како карго. Цената за превоз во кабината се движи од 50 до 110 евра во еден правец, зависно од рутата и големината на животното. За багажниот простор цените се од 80 до 380 евра.

Миленичињата се дозволени и во салоните на „Луфтханза“, но мора да останат во транспортер.

„Ес-Еј-Ес“

„Ес-Еј-Ес“ дозволува до две миленичиња по патник, со максимална тежина од осум килограми за патување во кабината. Миленичињата мора да имаат најмалку осум недели, а за оние помлади од 14 недели може да биде потребна ветеринарна потврда. Цените за кабината почнуваат од 55 евра за домашни и интерскандинавски линии и достигнуваат 149 евра на одредени линии кон Кина.

За багажниот простор цените се движат од 90 до 725 евра.

„ТАП ер португал“

„ТАП“ дозволува во авионот да патуваат само кучиња и мачки. Еден патник може да превезува до две миленичиња во кабината, доколку имаат најмалку 10 недели. Максималната тежина за кабината е осум килограми, а за багажниот простор 32 килограми. Цените за кабината се движат од 40 евра за домашни летови во Португалија во ниска сезона до 170 евра за интерконтинентални летови во висока сезона.

За багажниот простор цените се од 78 до 247 евра.

Не резервирајте билет пред да ги проверите сите услови

Иако во Европа е релативно вообичаено авиокомпаниите да дозволуваат кучиња и мачки во кабината, тоа не значи дека истите правила важат за секој лет.Особено внимание треба да се посвети на летовите со преседнување и на код-шер летовите, кога дел од патувањето го изведува друга авиокомпанија. Во таков случај може да важат различни правила.

Дополнителни ограничувања може да има и за одредени раси, особено за кучиња со кратка муцка, како булдози и мопсови. И возраста е важна: повеќето авиокомпании не прифаќаат многу млади животни, а минималната возраст зависи од компанијата и дестинацијата.

Посебно треба да се проверат и правилата на земјата во која се патува. За одредени дестинации, меѓу кои Велика Британија, САД, Австралија и Хонгконг, може да важат построги правила и животното да мора да патува одделно како карго. Затоа, пред резервација треба да се проверат и правилата на конкретната авиокомпанија и условите за влез на миленичето во земјата на дестинација. Правилата и цените може да се менуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс