Германскиот министер за внатрешни: Нападот во Берлин е тероризам, можни се нови удари

Полицијата трага по 21-годишен државјанин, додека германските власти ги засилуваат безбедносните мерки.
Фото: EPA/CLEMENS BILAN

Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт соопшти дека саботниот терористички напад во Берлин бил извршен со исламистичка позадина. Во нападот врз учесниците на Парадата на гордоста загина едно лице, а 29 се повредени. Полицијата интензивно трага по 21-годишниот Абдул Балут, кој со комбе удри во група луѓе, а потоа со мачета нападна минувачи. Властите предупредуваат дека се можни нови напади низ земјата.

Според германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт, сите показатели укажуваат дека 21-годишниот германски државјанин со либанско потекло, Абдул Балут, делувал од исламистички подбуди. Балут во саботата вечерта со комбе удри во група луѓе на манифестацијата Кристофер Стрит Деј во центарот на Берлин, при што загина едно лице, а 29 беа повредени. Помеѓу нив неколкумина се во тешка состојба.

По нападот со возилото, осомничениот вооружен со мачета го напуштил местото и во блискиот парк нападнал други минувачи. Во текот на ноќта полицијата уапси и ирански државјанин за кого се сомнева дека бил во возилото со кое беше извршен нападот.

Балут и претходно им бил познат на безбедносните служби. Тој се радикализирал преку интернет уште од 16-годишна возраст и изразувал симпатии за таканаречената Исламска држава. Неодамна бил осуден во Берлин на затворска казна од една година и десет месеци за подготовка на терористички напади, која во меѓувреме била преиначена во условна. Нападот се случи вечерта откако тој требаше да продолжи со програмата за дерадикализација.

Полицијата ги користи сите расположливи ресурси во потрагата по бегалецот. Министерот Добринт предупреди дека не може да се исклучи можноста за нови терористички напади, особено поради најавените манифестации на LGBTQ+ заедницата ширум Германија. Организаторите на настаните соопштија дека нема да се кријат, додека властите разгледуваат засилување на безбедносните мерки.

Нападот предизвика бран од реакции кај водечките германски политичари, вклучително и канцеларот Фридрих Мерц. За попладнево во Берлин е најавена и комеморативна прошета за загинатата учесничка.

Настанот се случува во чувствителен политички момент пред септемвриските избори за парламентот на покраината Берлин, како и во покраините Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија. Аналитичарите проценуваат дека оваа криза дополнително може да го зголеми рејтингот на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), која веќе води на анкетите во Берлин со 19 проценти поддршка, градејќи ја својата платформа врз критика на миграциската политика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс