Комунистичката партија на Кина започна пленум: Четири дена зад затворени врати за доживотен мандат за Си

Кинескиот претседател на таен состанок во Пекинг бара челична партиска дисциплина пред најавеното продолжување на власта во 2027 година.
Фото: EPA/ANDRES MARTINEZ CASARES

Комунистичката партија на Кина отвори четиридневен таен состанок на највисокото раководство во Пекинг, со цел да усвои строги мерки за внатрешна контрола и идеолошка послушност. Претседателот Си Џинпинг пред Централниот комитет претстави документ за борба против корупцијата и јакнење на партиската хиерархија. Ова затворено заседание, познато како Петти пленум, доаѓа во клучен момент кога Си го трасира патот кон обезбедување нов мандат на чело на втората светска економија.

Заседанието на Централниот комитет се одржува зад затворени врати и ќе трае до четврток. Ова е петти ваков состанок од формирањето на актуелниот партиски состав во 2022 година.

Кинеската државна новинска агенција Синхуа објави дека Си побарал спроведувањето на одлуките да не остане на празна реторика. Нацрт-документот содржи решенија за јакнење на капацитетите за управување и прецизни правила за институционална дисциплина. Фокусот е ставен врз затворање на правните празнини и засилување на заштитните механизми внатре во партискиот апарат.

Политичките аналитичари оценуваат дека ова е последното големо официјално собирање пред реконструкцијата на врвот во 2027 година. Тогаш се очекува Си официјално да го потврди своето останување на чело на државата преку четврт мандат.

Во изминатите години антикорупциската кампања во Кина доведе до смена и затворски казни за стотици високи функционери, врвни воени генерали, но и поранешни блиски соработници на претседателот. Партиските коментари го опишуваат процесот како потреба партијата „повторно да се роди како феникс“, што во политичка смисла значи натамошна елиминација на каква било внатрешна опозиција.


Затегнувањето на партиската контрола во Пекинг има директен одраз и врз надворешната политика на земјата. Додека западните демократии се соочуваат со геополитички тензии и трговски спорови со Кина, внатрешната централизација на моќта значи поцврст и понепредвидлив пристап на Пекинг кон глобалните пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс